Финансирањето на изборните кампањи
според новиот Изборен Законик на Република Македонија

Апел за Македонски Buckley v. Valeои повеќе од тоа

 

  1. Вовед

 

1.      Изборниот Законик го регулира финансирањето на изборните кампањи првенствено преку два негови члена, 83 и 84.

 

Членот 83 предвидува финансирање на изборните кампањи преку парични прилози од физички и правни лица во висина до 5000, односно 20000 евра во денарска противвредност.

1.1.   Членот 84 од Изборниот законик го ограничува паричниот износ кој организаторот на изборната кампања може да го потроши во предизборјето на 60 денари по регистриран гласач во изборната единица за која има поднесено кандидатска листа.

 

2.      Имплицитни во ваквата регулатива се три државни интереси:

 

2.1.   Ублажување на коруптивното влијание на големите прилози кои политичките партии ги добиваат за промовирање на своите изборни програми.

2.2.   Обезбедување еднаквост помеѓу политичките субјекти кои учествуваат во изборната кампања, преку изедначување на нивните финансиски средства.

2.3.   Намалување на енормно високите трошоци на изборните кампањи.

 

3.      Надлежноста на Собранието да ги регулира изборите  не е спорна и е вон секаков сомнеж.

 

4.      Критичкото прашање кое се наметнува не е преиспитување на законодавната надлежност да ја регулира изборната област, туку дали усвоената регулатива од член 83 и 84 несразмерно зафаќа во сферата на слободното изразување, утврдено во член 16 од Уставот.

 

4.1.   Имено, преку ограничување на паричните средства кои политичките партии смеат да ги добијат и потрошат во текот на изборната кампања, членовите 83 и 84 од Изборниот Законик имаат влијание врз количеството политички говор во предизборјето, т.е. повлекуваат намалување на бројот на покренати прашања во изборната кампања, длабочината со која тие се дебатираат, и бројноста на публиката до која што политичките партии можат да се обратат.

4.1.1.      Ова оттаму што денес користењето на било кое средство за комуникација повлекува материјални трошоци.

4.1.1.1.На пример, дистрибуцијата и на наједноставен леток подразбира трошоци за хартија, печатење и цирклуација. Организирањето политички говори и собири подразбира изнајмување сали и рекламирање на настанот.

4.1.1.2.Зависноста на електоратот од телевизија, радио и другите информативни масовни медиуми, ги прави овие скапи средства за комуникација непоходни за остварување на ефективен политички говор.

4.2.   Проблемот добива на тежина со оглед на фактот што токму политичкиот говор ужива најширока заштита под член 16 од Уставот, бидејќи тој претставува интегрален дел од функционирањето на демократскиот систем на власта.

4.2.1.      Имено, без отворената дебата за прашања од јавен интерес, без дискусија околу квалификациите на изборните кандидати, без непречена размена на идеи и предлози за спроведување на политички и општествени промени, демократијата едноставно не би можела да опстои.

4.2.2.      Затоа, може да се заклучи дека уставната гаранција за слободно изразување наоѓа најпотполна и најитна примена токму во спроведувањето на изборните кампањи.

 

5.      Во ваков случај на постоење на државни интереси чие остварување наложува зафаќање во граѓанските права и слободи, потребно е да се води сметка:

5.1.   дали тие државни интереси се навистина легитимни и неодложни, и ако се, тогаш

5.2.   дали нивното остварување се врши на начин кој во најмала можна мера зафаќа во сферата на граѓанските права и слободи.

 

 

  1. Анализа на Член 83 (2)

 

Изборната кампања може да биде финансирана од страна на:

         Физички лица со паричен износ до 5000 Евра во денарска противвредност и

         Правни лица со паричен износ до 20 000 Евра во денарска противвредност.

 

1.      Не е неопходно да се оди понатаму од првиот државен интерес споменат погоре, имено, ублажување на коруптивното влијание на големите изборни прилози, за да се заклучи дека тој е навистина легитимен и неодложен и дека преку членот 83 тој всушност се остварува на начин кој во најмала можна мера зафаќа во сферата на граѓанските права и слободи.

 

2.      Во рамките на систем на претежно приватно финансирање на изборите, каков што е Македонскиот, политичките партии и кандидатите на нивните изборни листи во голема мера зависат од паричните прилози од физички и правни лица за да ги обезбедат потребните средства неопходни за успешно спроведување на изборните кампањи.

 

 

2.1.   Зголемената важност која ја имаат медиумите и средствата за масовна комуникација во изборните кампањи го прави обезбедувањето на големи суми на пари неопходен и важен аспект на секоја изборна кампања која претендира да биде успешна. 

2.2.   Во мера во која овие големи парични прилози се даваат со цел на изнудување quid pro quo (услуга за услуга) од постојните или идни народни избраници и нивните политичките партии, се поткопува интегритетот на изборниот систем и претставничката демократија.

2.2.1.      Иако опсегот на ваквото коруптивно влијание не може со сигурност да се утврди, досегашната изборна пракса укажува дека проблемот не е нереален.

 

3.      Речиси исто толку загрижувачка како реалните quid pro quo спогодби е и самата привидност на корупција која произлегува од јавната свест за можностите за злоупотреба кои постојат при изборен режим кој дозволува големи парични прилози. 

 

3.1.   Затоа, легитимен би бил заклучокот дека при усвојувањето на законските решенија од член 83, државата, помеѓу другото, се водела и од потребата да се избегне привидноста на корупција, која е исто толку важна за сочувување на јавната доверба во системот на преставничка демократија како и оневозможувањето на реалните quid pro quo спогодби.

 

4.      По својата поставеност, членот 83 е насочен токму кон проблемот на големите изборни донации аспект на политичкото здружување во кој е јасно идентификувана опасност од реална и потенцијална корупција. Но истовремено, тој остава можност граѓаните самостојно да го изразат својот политички став , да поддржат одредена политичка опција преку доброволни активности, како и да ги помогнат финансиски на ограничен но сепак суштински начин политичките партии и нивните кандидати.

 

4.1.   Како таков, членот 83 не ги попречува политичките опции кои уживаат поддршка помеѓу граѓаните да обезбедат задоволителен број на парични прилози кој ќе им овозможи ефективно пренесување на нивните пораки во текот на изборната кампања.

 

4.1.1.      Поради ова, членот 83, самиот по себе, не го ограничува суштински потенцијалот за една робусна и делотворна дискусија за изборните прашања од страна на граѓаните, нивните здруженија, печатот, кандидатите и политичките партии.

 

5.      Во смисла на претходно кажаното, ЦИКП смета дека државниот интерес за ублажување на коруптивното влијание на големите предизборни прилози врз политичките партии и нивните кандидати го оправдува сразмерното зафаќање во правото на граѓаните на слободно изразување од член 16 од Уставот на Р.М., предизвикано од ограничувањето на висината на прилозите кои политичките партии смеат да ги добијат за промовирање на своите изборни програми, согласно член 83 од Изборниот Законик.

 

 

  1. Анализа на Член 84

 

При финансирањето на изборната кампања, организаторот на изборната кампања може да потроши најмногу 60 денари по запишан избирач во изборната единица за која има поднесено листа на кандидати.

 

1.      За разлика од член 83, ниеден од трите горе-наведени државни интереси не е доволен да го оправда ограничувањето на количеството политички говор наметнато со ограничувањето на паричниот износ кој организаторот на изборната кампања може да го потроши во предизборјето од член 84.

 

2.      Најголемото зло кое што произлегува од брзиот пораст на трошоците за изборни кампањи е опасноста политичките партии и нивните кандидати да станат заложници на големите парични прилози и quid pro quo спогодбите кои тие можат да ги наметнат.

 

2.1.   Интересот за ублажување на коруптивното влијание на парични прилози се остварува во задоволителна мера преку ограничување на нивната висина.

 

2.2.   Секое оправдување на ограничувањето на изборните трошоци со потребата да се затвори законската дупка, односно да се обесхрабрат обидите да се заобиколи ограничувањето од член 83 е неубедливо.

2.2.1.      Прво, не постојат индиции дека казнените одредби од член 189 од Изборниот Законик кои се насочени кон санкционирање на секое пречекорување на висината на изборните прилози од член 83, проследени со политички реперкусии кои несомнено ќе произлезат од таквото пречекорување, се недоволни за целосно спроведување на членот 83.

2.2.2.      Второ, исцрпните извештаи кои се предвидени како задолжителни согласно член 85 и кои наложуваат изнесување податоци за вкупниот износ на добиени средства за финансирање на изборните кампањи, нивниот извор, како и вкупниот износ на направените трошоци во предизборјето се соодветно поставени да го олеснат откривањето на незаконските прилози.

 

3.      Обезбедувањето еднаквост помеѓу политичките субјекти кои учествуваат во изборната кампања, преку изедначување на нивните финансиски средства е истотака неубедливо оправдување за ограничување на изборните трошоци.

3.1.   Ваквото ограничување може повеќе да претставува хендикеп за оние политички партии чии програми и кандидати се недоволно познати за пошироката јавност пред почетокот на изборната кампања отколку да им овозможи на политичките субјекти еднаква почетна позиција.

 

4.      По својата замисла, ограничувањето на изборните трошоци најнепосредно се обраќа кон државниот интерес за намалување на енормно високите трошоци на изборните кампањи.

 

4.1.   Сепак, дури и под претпоставка дека изборните трошоци бележат драстичен пораст и тежнеат да го задржат таквиот тренд, самиот тој пораст не претставува легитимна основа за ограничување на изборните трошоци од страна на државата.

4.1.1.      Според ЦИКП, членот 16 од Уставот на Р.М. и одрекува секое право на државата да одреди дека избирните трошоци направени за промоција на одредено политичко гледиште се расипнички, прекумерни или неразумни.

4.1.1.1.Во едно слободно и демократско општество, количеството политички говор во предизборјето не би требало да се контролира од страна на државата туку од самиот народ поединечно, како граѓани и кандидати, и колективно, како здруженија и политички партии.

 

5.      Заради овие причини, ЦИКП смета дека членот 84 од Изборниот Законик е неуставен.

 

  1. Заклучок

 

1.      Членот 83 од Изборниот Законик кој предвидува финансирање на изборните кампањи преку парични прилози од физички и правни лица во висина до 5000, односно 20000 евра во денарска противвредност, заедно со задолжителното објавување на вкупниот износ на добиени средства за финансирање на изборните кампањи, нивниот извор, како и вкупниот износ на направените трошоци во предизборјето од член 85, претставува соодветен начин за остварување на легитимниот државен интерес за зачувување на интегритетот на изборниот процес, односно, за ублажување на коруптивното влијание на големите прилози кои политичките партии би можеле да ги добијат за промовирање на своите изборни програми, бидејќи по својата поставеност, тој не зафаќа суштествено во правото на граѓаните и политичките партии од член 16 од Уставот на Р.М. слободно и целисходно да се вклучат во предизборна дебата.

 

2.      Спротивно на ова, членот 16 од Уставот на Р.М. наложува поништување на членот 84 од Изборниот Законик, бидејќи ограничувањето на изборните трошоци, кое што овој член го предвидува, директно и суштински влијае врз количеството политички говор во предизборјето, во насока на негово намалување последица која членот 16 од Уставот на Р.М. не може да ја толерира.

 

 

3.      Согласно со овие заклучоци, ЦИКП е на став

3.1.   дека членот 84 е неуставен

3.2.   дека членот 83, во комбинација со членовите 85 и 189 од Изборниот Законик, претставува принципиелна и демократска основа за регулирање на финансирањето на изборните кампањи.

 

Без разлика на овие заклучоци, ЦИКП предлага и сестрано би поддржал и полиберално решение на проблемот со финансирање на изборните кампањи.

 

  1. Предлог за дерегулација и задолжително, целосно и навремено објавување на изборните прилози

 

Едно такво решение, според ЦИКП, би било целосно отстранување на ограничувањата на висината на изборните прилози од член 83, и инсистирање на задолжително и целосно објавување на добиените парични средства за изборно промовирање, но не како што тоа го предвидува ставот 3 од член 85 до 30 дена по верификацијата на пратеничките мандати туку неколку дена пред прогласувањето на изборниот молк.

Според овој едноставен предлог, сите изборни прилози и комуникации би биле евидентирани од страна на самостоен државен орган и јасно обелоденети преку средствата за јавно информирање и на тој начин ставени на увид на гласачкото тело. Следствено, финансирањето на политичките партии ќе се дисциплинира од самите граѓани и нивното право на глас, а не преку куп неразбирливи правила и ревносни прописи.

Денес, демократиите ширум светот постигнуваат забележителни успеси преку дерегулација на транспортот, енергијата, и финансиските услуги. Нема причина да се верува дека изборната регулатива ќе го заштити електоратот подобро отколку што претходните економски регулативи ги заштитуваа потрошувачите. Се додека законот наложува задолжително, целосно и навремено објавување на изборните прилози, гласачите сами можат да одлучат дали фактот што одредена политичка партија или изборна листа е силно финансиски поддржана од поединци или групи треба да се земе предвид при конечниот избор дали да се гласа за таквите кандидати или не; злонамерните влијанија на богатите корпорации и поединци доволно ќе се неутрализираат од стравот на политичарите да не бидат перцепирани како марионети на моќни бизнис-интереси.

А тоа всушност е и работната претпоставка на членот 16 од Уставот на Р.М. дека Македонските граѓани не се ниту овци а ни простаци, ами се целосно способни да ја разберат суштината на секоја порака која им се сервира, нејзиниот извор и нејзината цел. Ако оваа претпоставка е погрешна, тогаш Македонската демократија има многу поголем проблем кој треба да го реши отколку проблемот со коруптивното влијание на големите изборни прилози.

 

Home | Events | Products | Newsletters | CRPM in the Media | Research Areas | Projects | Press Room | About Us