Working on initiative for legislative changes of numerous laws and measures to facilitate development of social entrepreneurship.

0
545

Today 10 organizations social entrepreneurs in Macedonia submitted an initiative for legislative changes of numerous laws and measures to facilitate development of social entrepreneurship. (policy impact) #smartstart4u

Скопје 31.07.2017

До
Министерство за труд и социјална политика – МТСП
Мила Царовска, Министерка за труд и социјална политика
Предмет: Иницијатива на невладини организации со економска активност / социјални претпријатија за воведување на финансиски мерки за развој на социјално претприемништво
Почитувана Министерка Мила Царовска,
Ви пишувам од името на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП Скопје во улога на локален имплементатор на проектот финансиран од ЕУ – Смарт старт: оддржливо влијание преку социјално претприемништво и социјални иновации на граѓанските организации од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Турција[1], а во врска со иницијативата за воведување на финансиски мерки за развој на социјално претприемништво која ја покренуваат 10те невладини организации кои имаат економска активност и преку проектот добиваат поддршка да се трансформираат во социјални претпријатија.
Нашата група на организации активно учествува во работната група за подготовка на Законот за социјално претприемништво, но смета дека истиот нема да вроди со плод доколку не е придружен со финансиски мерки и реформа на даночниот систем во однос на социјалните претпријатија за развој на овој вид претприемништво. Во прилог од името на групата на невладини организации кои добиваат поддршка за да се трансформираат во социјални претпријатија ви доставуваме предлози, коментари и сугестии за воведување на финансиски мерки за развој на социјланата економија. Ви благодариме на времето одвоено во разгледување и прифаќање на коментарите и сугестиите кои ги доставуваме.
Во името на групата на невладини организации – социјални претприемачи со почит,
Др. Марија Ристеска
ЦИКП Скопје, Извршна Директорка
СМАРТ СТАРТ ПРЕДЛОЗИ, КОМЕНТАРИ И СУГЕСТИИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКИ МЕРКИ И РЕФОРМА НА ДАНОЧНИОТ СИСТЕМ ВО ОДНОС НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА РАЗВОЈ НА СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО
1. Промена на ЗАКОН ЗА ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ (Службен весник на Р.М број 44/99, 59/99, 86/99, 11/00, Уставен суд бр. 93/00, 8/01, 21/03, Уставен суд бр. 17/04, 19/04, 33/06, 45/06, 101/06, 114/07, 103/08, 114/09, 133/09, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16 и 189 од 14.10.2016 година)
Невладините организации кои имаат економска активност и социјалните претпријатија не треба да бидат ослободени од ДДВ, но за да се развие социјалното претприемништво тие треба да се поддржани со следниве мерки:
· Да се подигне прагот за оданочување на нивната економска дејност од 1,000,000 МКД годишен обрт како што е сега уредено, на 2,000,000 МКД годишен обрт како што законот уредуваше пред измените во 2014 година.
· ДДВто невладините организации кои имаат економска активност и социјалните претпријатија да го плаќаат по наплатата.
· Стоките и услугите произведени од страна на невладини организации со економска активност и социјални претпријатија да имаат повластена даночна ставка од 5%.
2. Промена на ЗАКОН ЗА ПЕРСОНАЛНИОТ ДАНОК НА ДОХОД „Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/93, 3/94-исправка, 70/94, 71/96, 28/97, 8/01, 50/01, 52/01 и исправка, 2/02, 44/02, 96/04, 120/05, 52/06, 139/06, 6/07- исправка ,160/07, 159/08, 20/09, 139/09, 171/2010, 135/2011, 166/2012, 187/2013, 13/2014, 116/2015 година, 129/2015, 199/2015 и 23 од 10.02.2016 година
Невладините организации кои имаат економска активност и социјалните претпријатија имаат значајна улога во градење на капацитетите на ранливите групи вклучително и за нивно вклучување на пазарот на труд и воопшто нивна општествена интеграција.
· Законот за персонален данок меѓутоа предвидува плаќање на персонален данок за секое лице кое чиј капацитет се градел. Имено ако се одржува обука за обучуваното лице невладините организации кои имаат економска активност и социјалните претпријатија плаќаат сместување во хотел и храна која е оданочено со ДДВ и плус се товари невладината организација која има економска активност и социјалните претпријатија да платат персонален данок за секој учесник кој присуствувал на обуката. Ова претставува товар и силно влијае на развој на социјалното претприемништво поради што бараме промена на законот за персонален данок.
· Дополнително треба да се разгледа можноста за договорите на дело склучени од невладините организации кои имаат економска активност и социјалните претпријатија да се ослободени од плаѓање на персонален данок.
На овој начин ќе се осигура овозможувачка даночна средина за развој на социјална економија.
3. Промена на ЗАКОН ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА („Службен весник на Република Македонија” број 70/1994; 62/1995; 33/1997; 50/2001; 26/2002; 46/2002; 37/2005; 121/2007; 161/2008; 92/2009; 97/2010; 11/2012; 145/2012)
Невладините организации кои имаат економска активност и социјалните претпријатија вработуваат ранливи групи на луѓе кои неможат да се оддржат во работен однос заради временскиот интервал на исплата на платите уреден со горенаведениот закон. Имено, овие лица се екстремно сиромашни и немаат средства да го преживеат месецот додека да добијат плата. Заради тоа бараме исклучок од начинот на исплата на платите за невладините организации кои имаат економска активност и социјалните претпријатија, односно регулирање на пофлексибилен начин кој би можел да се спроведува на пократки периоди (на пример: еднаш неделно или дневно). Ова може да влијае на формализирање на трудот на повеќе лица кои сега се во неформалната економија.
4. Промена на ЗАКОН ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ
Во согласност со трендот на ‘флексибезбедност’ кој е актуелен и практикуван во Европа како одговор на финансиската криза а со оглед на природата на работењето на невладините организации кои имаат економска активност и социјланите претпријатија потребна е промена на Законот за работни односи во однос на регулирање на флексибилни работни саати (на пример: можност за склучување на работен однос за два часа или шест часа и соодветно осигурување на истиот), како и пофлексибилни услови за раскинување на ваквиот работен однос од оние засега предвидени со законот. Исто така работата на невладините организации кои вршат економска дејност и социјалните претпријатија предвидува работа во домот на клиентот (на пример нега на изнемоштени лица) или работа од дома или од далечина (на пример лица со посебни потреби кои програмираат софтвер за лица со посебни потреби) што е забранета со Законот за работни односи и затоа бараме измена на законот.
5. Промена на ЗАКОН ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА
Овој закон предвидува проценка на безбедноста при работа за секое место каде ќе се изведува работата при што бара изработка на елаборат за безбедноста на работното место во тие услови. Бидејќи работата на невладините организации кои вршат економска дејност и социјалните претпријатија предвидува работа во домот на клиентот (на пример нега на изнемоштени лица) примената на законот би значело проценка на безбедноста на условите за работа во домот на секој клиент и изработка на елаборат за секој клиент. Овој процес е долг, макотрпен и многу скап и го прави невозможно доставувањето на услугата. Заради тоа бараме измена на условите на примена на законот за безбедност и здравје при работа за потребите на работата на невладините организации кои вршат економска дејност и социјалните претпријатија.
6. АКТИВНИ МЕРКИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Невладините организации кои вршат економска активност и социјалните претпријатија ја немаат истата продуктивност како останатите претпријатија и за нив се потребни посебни мерки на финансиска поддршка особено затоа што прават интеграција на пазарот на труд на ранливи категории на лица кои се целосно исклучени од пазарот на труд. Затоа бараме две мерки врзани за активните мерки за вработување:
· Воведување на Активни мерки за вработување на општествено ранливи лица и лица во социјален ризик наменети за невладините организации со економска активност и социјални претпријатија.
· Промена на критериумите за одобрување на користење на активните мерки за вработување кои предвидуваат апликантот да нема намалување на вработени во претходната година. Со оглед на природата на работата во невладиниот сектор која е врзана со проекти и достапно финансирање (главно од меѓународни организации) и честиот обрт на вработени (пријавување и отпуштање според потребите на проектите) потребно е ревидирање на овие критериуми за да може да се исполнат и искористат активните мерки за вработување.
7. ГРАДЕЊЕ НА СВЕСТ КАЈ РЕЛЕВАНТНИТЕ ИНСТИТУЦИИ (ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР, УЈП, ДЗР,ИНСПЕКЦИСКИ СЛУЖБИ) ЗА ПОСЕБНОСТА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ КОИ ВРШАТ ЕКОНОМСКА ДЕЈНОСТ
Невладините организации кои вршат економска дејност и социјалните претпријатија имаат посебна улога, имаат посебен правен режим и треба да се на посебен начин третирани од институциите. Имено, сметаме дека не постои свест и знаење за социјално претприемништво кај релевантните институции и ваквото незнаење и свест може да влијае на начините како се применуваат законите и другите регулативи врз невладините организации кои вршат економска дејност и социјалните претпријатија и тоа може сериозно негативно да влијае врз развојот на социјалното претприемништво. Поради тоа предлагаме програма за сензитивизирање и градење на капацитетите на релевантните институции за социјално претприемништво.
Оваа публикација е изготвена со помош на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП Скопје и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
[1] Во рамките на Смарт старт проектот ЦИКП изгради заедница од повеќе од 30тина невладини организации кои сакаат да развиваат економска активност и да делуваат во нашето општество како социјални претприемачи. На 22 јуни, 2017 година доделивме 10 старт ап грантови во износ од 6000 евра на невладини организации кои подготвија бизнис планови. Проектот им обезбеди и менторска поддршка од 18 месеци.