За период од шест месеци, успеавме да трансформираме 20 невладини организации во идни социјални претпријатија. Преку шесте модули во рамки на Школото Smart Start, 20 невладини организации почнаа да размислуваат пазарно и се подготвија да направат профит за да ја финансираат својата непрофитна организација. Подготвени се да размислуваат и делуваат кон одредени општествени проблеми истовремено со социјален и претприемачки пристап, притоа непосредно вклучувајќи ги заедниците или групите граѓани со кои секојдневно работат. На тој начин ја зголемивме и зацврстивме понудата на социјални претприемачи во земјата.

Преку средствата за јавно информирање, успеваме и да ја подигнеме свеста кај општата јавност за значењето на социјалното претприемништво, да креираме двоен систем на преференца за продуктите и услугите кои ги создаваат социјалните претпријатија. На тој начин влијаеме да се зголеми побарувачката за продукти и услуги од социјални претпријатија.

Дополнително, ЦИКП Скопје преку свои претставници во работната група за подготовка на правната и политичка рамка за социјално претприемништво активно придонесува во подготовката на законската рамка и дава препораки за промена политиките кои ќе овозможат нови финансиски инструменти за поддршка на социјалното претприемништво во Република Македонија.

Во следниот период ги очекуваме и првите конкретни резултати – видливи вработувања во социјални претпријатија кои се дел од Smart Start hub-от како и   решавање на општествените предизвици или недостатоци на кои работат како што се невработеноста, исклученоста на руралните жени од пазарот на трудот, загадувањето на воздухот, зголемување на свеста за здрав и еколошки начин на живеење, младинската невработеност, заштита на културното наследство и вредности, социјално вклучување на лица со хендикеп, поранешни корисници на дрога, зависници од хазард и алкохол и сл.