Упорниот тренд на висок удел на скриената економија во македонскиот БДП, кој вклучува непријавен труд, даночна евазија и измама и други скриени економски активности, се заканува да ги заостри социјалните тензии и да создаде средина во која може да цветаат корупцијата и другите незаконски или полузаконски деловни активности. Дополнително, избегнувањето даноци е најраспространето помеѓу најсиромашните граѓани, што ги прави уште поранливи бидејќи можат да станат цел на кривичен прогон поради неисплатени обврски, или да се оптоварат со плаќање на големи казни. Оттаму, од суштинска важност е ЦИКП во соработка со граѓанскиот сектор да обезбедат емпириски докази и податоци кои би и користеле на Владата на Македонија и владите од регионот и понатаму да посветуваат големо внимание на решавање на ова прашање и да ги координираат своите мерки и активности со бизнис-секторот, организациите на граѓанското општество и другите засегнати чинители.