СТАТУТ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И КРЕИРАЊЕ ПОЛИТИКИ – ЦИКП

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1
“Центар за истражување и креирање на политики” – ЦИКП Скопје е непрофитна установа која врши научно-истражувачка, високо-образовна и дејност од областа на образование на возрасни во областа на применетите политики и застапување за промена на јавни политики.

Член 2
Името на Здруженито е : “Центар за истражување и креирање на политики”ЦИКП.
Седиштето на ЦИКП Скопје е на ул. Цицо Поповиќ бр. 6, влез 2, стан бр.9, 1000 Скопје.

Член 3
ЦИКП Скопје се основа заради вршење на дејности за спроведување на истражувања, научни истражувања и анализи кои ќе доведат до практични препораки за промена на јавните политики со цел подобрување и унапредување на правната, еконoмската, културната и други области; како и за развој и доставување на високо образовни и програми за неформално образование на возрасни релевантни за севкупниот општествен развој на Република Македонија, подобрување на соработката помеѓу земјите од регионот и пошироко, и унапредување на евроатлантските интеграции.

Член 4
ЦИКП Скопје своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува самостојно во согласност со односите утврдени со Уставот на Република Македонија, со овој Статут, како и со законските норми кои регулираат материја од оваа област.

Член 5
ЦИКП Скопје има својство на правно лице со права, должности и одговорности утвредни со овој Статут и законите: Закон за здруженија на граѓани и фондации; Закон за високо образование и Закон за научно истражувачка дејност2 и Законот за образование на возрасните.
ЦИКП Скопје има свој печат и штембил.
Печaтот е тркалезен и го содржи името на ЦИКП Скопје – Центар за истражување и креирање на политики, а во средината се наоѓа логото на ЦИКП Скопје.
Штембилот на ЦИКП Скопје е правоаголен на кој на горниот дел е испишано името на ЦИКП Скопје, а на долниот дел број, датум , година – Скопје.
ЦИКП Скопје се запишува во соодветните регистри на надлежните органи во Република Македонија.

Член 6
Во работата на ЦИКП Скопје се употребува името впишано во надлежниот регистар.

ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Член 7
Општа цел на ЦИКП Скопје е:

  • Подобрување и унапредување на правната, економската, културната и други сфери релевантни за севкупниот општествен развој на Република Македонија, подобрување на мулти-димензионалната соработка помеѓу земјите од регионот и пошироко, унапредување на евро-атлантските интеграции.

Посебни цели на ЦИКП Скопје се:

  • Спроведување на истражувачки активности и анализи преку проекти од областа на правото, економијата, образованието, здравството, социјалната заштита, миграции, оддржлив развој, европски прашања, родова еднаквост и добро владеење; а чиј краен резултат ќе биде оформување на практични решенија и политики за подобрување и унапредување на општествениот развој и квалитетот на живот во Македонија и регионот.
  • Спроведување на научни истражувања преку работната единица на ЦИКП Скопје Институт за јавни политики.
  • Спроведување на програма за неформално образование и високо-образовна дејност според член 22 на Закон за високо образование преку работната единица на ЦИКП Скопје Школо за јавни политики Мајка Тереза.

Член 8
Своите цели и задачи ЦИКП Скопје ги остварува преку:

  • Остварување на конкретни програмски активности
  • Спроведување на заеднички проекти во соработка со организации од земјата, регионот и пошироко
  • Организирање на заеднички проекти, трибини, научни советувања и форуми
  • Соработка со експерти од соодветните сфери
  • Соработка со надлежни државни институции
  • Соработка со локални, регионални и интернационални, невладини и меѓувладини организации и институции кои се занимаваат со прашања тесно поврзани со развојот на соодветните општествени сфери
  • Основање на постојани или ад хок клубови и комисии
  • Основање на единствено друштво со ограничена одговорност и акционерски друштва за реализација на основните цели, интереси и активности и за финансирање на функциите утврдени со статутот
  • Креација на интерактивен вебсајт на кој ќе бидат изложени сите активности на ЦИКП Скопје
  • Вршење и други работи во согласност со овој Статут, Законите и Уставот на Република Македонија

УСЛОВИ И НАЧИН НА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ ВО ЦИКП СКОПЈЕ, ПРАВА, ОБВРСКИ И ОДГОВОРНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ЦИКП СКОПЈЕ

Член 9
Членство

  • Член на ЦИКП Скопје, може да биде секој граѓанин, државјанин на Република Македонија како и секој странски државјанин кој
  • Ги прифаќа основните цели и вредности врз кои се заснова функционирањето на ЦИКП Скопје
  • На денот на поднесување на апликацијата е полнолетен
  • Има суштествени познавања од барем една област која што е назначена во член 3 од овој овој статут како област од примарно значење за остварување на програмските цели и задачи на ЦИКП Скопје
  • Плаќа годишна членарина најдоцна до 15 Октомври за тековната година (на пр. до 15 Октомври 2007, за 2007 година). Во исклучителни ситуации како на пример криза во земјата, регионот или светот, плаќањето на членарината може да се одложи со одлука на Извршниот одбор најмногу за 6 месеци. Висината на членарината се одредува на седница на Собранието на ЦИКП Скопје по предлог на Претседателот
  • Работи на проекти на ЦИКП Скопје во период од најмалку година дена

Членовите на Здужението ги поседува следните права и обврски:

  • Право и обврска јавно да ги претставува и застапува основните принципи и цели на ЦИКП Скопје и да ја промовира реализацијата на тие принципи и цели
  • Право на присуство на седниците на собранието
  • Право на поднесување предлози за одлуки кои ги носи собранието
  • Обврска да зема конкретно учество во спроведувањето на Програмата на активностите на ЦИКП Скопје
  • Други права и обврски утврдени со овој Статут

Член на ЦИКП без право на глас може да биде и невладина организација, правно лице, меѓународна организација или амбасада доколку ги прифаќа основните цели и вредности врз кои се заснова функционирањето на ЦИКП Скопје и плаќа годишна членарина која ја одредува претседателот на ЦИКП

Член 10
Основачите на ЦИКП Скопје, имаат статус на член на ЦИКП Скопје доколку ги исполнуваат условите од член 9 на Статутот.

Член 11
Зачленувањето во ЦИКП Скопје се врши со апликација до Претседателот на ЦИКП Скопје. По поднесената апликација за членство доколку се исполнети условите од член 9 одлучува извршниот одбор со мнозинство гласови од вкупниот број на членови. Претседателот води регистар на членство кој го ажурира еднаш годишно.

Член 12
ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНСТВО

Членството престанува доколку не се исполнети условите од член 9 од овој Статут и со:

  • Поднесување на писмена оставка до извршниот одбор
  • Губење на деловна способност
  • Исклучување
  • Смрт

Извршниот одбор може да одлучи со мнозинство гласови од вкупниот број на членови да го суспендира членот во случај на сериозна повреда на утвредните цели и задачи на делување на ЦИКП Скопје. Извршниот одбор за ваквата ситуација може да го извести собранието и да поднесе предлог до собранието за исклучување од членство. Собранието за ова одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови. Засегнатитот член мора да добие можност да се произнесе по сите обвиненија. Жалба против вака донесената одлука засегнатиот член може да поднесе до надзорната комисија во рок од 5 дена од денот на донесувањето на одлуката.
По заминувањето од ЦИКП Скопје, членот не може да полага никакви права и побарувања кон имотот на ЦИКП Скопје.

ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ЦИКП СКОПЈЕ

Член 13
ЦИКП Скопје го претставува и застапува претседателот на ЦИКП Скопје, кој што може ова свое овластување да го пренесе на друг член на Извршниот одбор.

ОСТВАРУВАЊЕ НА ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА

Член 14
Работата на ЦИКП Скопје е јавна.
Јавност во работењето се остварува со:

  • Редовно известување на членовите, други непрофитни организации и пошироката јавност преку печатени и електронски медиуми за работата и конкретните активности на ЦИКП Скопје
  • Обезбедување непречено присуство на членовите на седниците на органите и телата на ЦИКП Скопје
  • Креација и оддржување на свој веб сајт

СРЕДСТВА НА ЦИКП СКОПЈЕ, НАЧИН НА СТЕКНУВАЊЕ И РАСПОЛАГАЊЕ

Член 15
ЦИКП Скопје своите цели и задачи во почетокот на своето работење ги финансира од основачкиот влог на основачите.
ЦИКП Скопје може да се стекнува со предмети, парични средства и имотни права.
ЦИКП Скопје може да ги стекне средствата и од членарина,прилози, донации, подароци, тестамент, легат заверен пред нотар и друго.
ЦИКП Скопје може да остварува приходи и од добивката на трговските друштва што ги основало со сопствени средства заради остварување на своите цели и задачи утврдени со овој статут.
ЦИКП Скопје може да добива и средства од буџетот, согласно законот, врз база на сопствена програма за работа и овој Статут.
Институтот за јавни политики сретствата за своите научни истражувања и проекти ги стекнува од домашни и странски програми за развој на научната дејност, како и од бизнис секторот.
Школото за јавни политики Мајка Тереза сретствата за образовните програми кои ги спроведува ги обезбедува од щколарина од студентите, како и образовни активности на специјалистички, пост-дипломски и докторски студии.

Член 16
Користење и располагање на средства на ЦИКП Скопје добиени по основите од претходниот член се врши на начин утврден со овој Статут и со соодветните законски норми.

Член 17
За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на ЦИКП Скопје, согласно надлежностите утврдени со овој Статут, други интерни акти на ЦИКП Скопје. Истите преземаат мерки за економско целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.

Член 18
ЦИКП Скопје донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на ЦИКП Скопје.

ОРГАНИ НА ЦИКП СКОПЈЕ

СОБРАНИЕ

Член 19
Собранието на ЦИКП Скопје го сочинуваат членовите на ЦИКП Скопје. Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно. При работата на Собранието на ЦИКП Скопје секој член на ЦИКП Скопје поседува право само на еден глас. Ова право не може да се пренесе на други лица.
Собранието од своите редови избира Претседател кој раководи со седниците на собранието (на начин утврден во член 24) и врши други работи утврдени со Деловникот за работа на собранието.

Член 20
Седници на собранието свикува Претседателот на ЦИКП Скопје.
Седница на собранието се свикува и по предлог на од 2/3 од вкупниот број на членови на собранието.
Ако Претседателот на ЦИКП Скопје не свика седница во рок од 15 дена од денот на поднесување на предлогот, седницата ја свикува Извршниот одбор или иницијаторите-членови на собранието.
Седница на собранието во врска со работата на извршниот одбор може да се свика и по предлог на надзорната комисија.
Начинот на свикување на седниците на собранието се определува со Деловникот за работа на собранието.

Член 21
Собранието на ЦИКП Скопје од своите редови избира Извршен одбор, кој е извршен орган на собранието, на редовни и вонредни собранија.

Член 22
Собранието полноважно одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број на членови.
Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови, доколку поинаку не е предвидено со овој Статут.

Во надлежност на собранието е следново:

  • Донесува Статут на ЦИКП Скопје
  • Врши дополнувања и измени на Статутот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на членови
  • Го избира Извршниот директор на ЦИКП Скопје
  • Го избира Извршниот одбор, како и негови одделни членови со просто мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членови на седницата
  • Го избира стратешко-советодавниот одбор на ЦИКП Скопје
  • Усвојува програмска ориентација за работа на ЦИКП Скопје за период од 3 години, операционализирана во годишни програми
  • Разгледува и усвојува периодични и годишни извештаи за работа на органите и телата на ЦИКП Скопје
  • Усвојува завршна сметка на ЦИКП Скопје
  • Предлага избор и разрешување на членови на надзорната комисија
  • Расправа за постигнатите резултати во работењето на ЦИКП Скопје и дава насоки за натамошен развој на ЦИКП Скопје
  • Донесува одлуки, заклучоци, препораки за решавање на прашања од интерес на ЦИКП Скопје
  • Решава за формирање и укинување на ограноци и други форми на организирање на ЦИКП Скопје
  • Одлучува за промена на името на ЦИКП Скопје
  • Врши други работи кои произлегуваат од Статутот и законите

Член 23
Дејностите кои спаѓаат во делокругот на работа на Собранието во итни случаи ги врши Извршниот одбор на ЦИКП Скопје, при што Извршниот
Одбор има обврска на првата наредна седница на Собранието да поденесе извештај за преземените активности.

ИЗВРШЕН ОДБОР

Член 24
Извршниот одбор брои 3 члена: Извршен директор и два члена. Со одлука на Собранието извршниот одбор може да брои 4 члена, претседател и три члена. Гласот на Извршниот директор при одлучување на извршниот одбор каде постои еднаков број на гласови за и против одредена одлука е одлучувачки.
Собранието го бира извршниот директор со просто мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членови на седницата. Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае 3 години, со можност за повторен избор.

Член 25
Во надлежност на Извршниот одбор е следното:

  • Ги спроведува статутарните и програмските задачи на ЦИКП Скопје, како и одлуките и заклучоците на собранието
  • Донесува и реализира годишна програма за работа
  • Предлага измени и дополнувања на Статутот
  • Носи Деловник за својата работа
  • Одлучува за престанок со работа на ЦИКП Скопје со двотретинско мнозинство
  • Одлучува за здружување или разделување од друго здружение и за зачленување во сојуз и меѓународни организации
  • Донесува соодветни правилници, прифаќа спогодби и склучува договори
  • Свикува седници на собранието, кога за тоа се исполнети условите утвредни со статут, и припрема материјали
  • Донесува одлуки за формирање на постојани и повремени комисии, и ја насочува нивната работа
  • Ги предлага членовите на стратешко советодавниот одбор и ги дава на усвојување на собранието на ЦИКП Скопје
  • Подготвува периодичен и годишен извештај за својата работа
  • Управува и одговара за управувањето со имотот на ЦИКП Скопје
  • Може да формира стручна служба и да врши контрола врз нејзината работа
  • Именува потписници на жиро сметката на ЦИКП Скопје
  • Врши и други работи предвидени со овој Статут и со релевантните законски норми

Член 26
Извршниот одбор за својата работа е одговорен пред Собранието на ЦИКП Скопје.
Собранието на ЦИКП Скопје може да го отповика Извршниот одбор, или одделен негов член.
Предлог за отповикување на Извршниот одбор или на негов член може да поднесат најмалку 2/3 од членовите на собранието.
Предлогот за отповикување мора да биде во писмена форма.

Член 27
Извршниот одбор се состанува и одржува седници по потреба.
Седниците на извршниот одбор ги свикува претседателот на Извршниот `одбор.`
Предлог за свикување на седница на извршниот одбор може да поднесе една половина од членовите на Извршниот одбор.
Со седницата раководи и претседава претседателот на Извршниот одбор, а во негово отсуство член кој ќе го избере Извршниот одбор.
Начинот на свикување на седницата и на работење на извршниот одбор се одредува со Деловникот за работа на Извршниот одбор.

Член 28
Извршниот одбор своите одлуки ги донесува со јавно гласање, со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

Член 29
Извршниот одбор ја избира и отповикува надзорната комисија или одделни нејзини членови на предлог од собранието.
Надзорната комисија брои три члена.
Член на надзорната комисија може да биде секој член на ЦИКП Скопје.
Надзорната комисија врши контрола врз работата на органите на ЦИКП Скопје.
Извршниот одбор може да основа и меѓународен Одбор на ЦИКП со членови истакнати личности во областа на јавните политики од земјата и странство

ПРЕТСЕДАТЕЛ

Член 30
Претседателот на ЦИКП Скопје го преставува ЦИКП Скопје на јавни настани во земјата и во странство. Претседателот на ЦИКП Скопје го бираат членовите на Собранието на ЦИКП Скопје со просто мнозинство на предлог на членовите на извршниот одбор. Претседателот на ЦИКП Скопје е видна јавна личност.

НАУЧЕН СТРАТЕШКО СОВЕТОДАВЕН ОДБОР

Член 31
Научниот Стратешко советодавен одбор брои 5 члена: Претседателот на ЦИКП Скопје и четири члена. Член на Научниот Стратешко советодавен одбор на ЦИКП може да биде секој член на ЦИКП Скопје и истакнати личности во областа на јавните политики. По правило членовите на Одборот не се вработени во ЦИКП. Собранието го бира Научниот Стратешко советодавен одбор со просто мнозинство гласови од вкупниот
број на присутни членови на седницата. Мандатот на членовите на стратешко советодавниот одбор трае 3 години, со можност за повторен избор.

Член 32
Научниот Стратешко советодавен одбор на ЦИКП е задолжен за:

  • Разгледување и утврдување на Стратегија за развој на ЦИКП Скопје
  • Разгледување и утврдување на годишната програма за работа на ЦИКП Скопје
  • Разгледување на извештаите од финансиското работење на ЦИКП Скопје

Истовремено Научно Стратешкиот Советодавен одбор предлага:

  • Програми и проекти за истражување
  • Предметни програми за последипломски и докторски студии
  • Врши избор на рецензентски комисии
  • Врши други работи врзани со научната и високо-образовната дејност на ЦИКП Скопје

ПРЕСТАНОК НА ЦИКП СКОПЈЕ

Член 33
ЦИКП Скопје престанува да работи ако настанат причини утврдени во чл.63 од Законот за здруженија и фондации.

Член 34
Во случај на престанок на работата на ЦИКП Скопје неговиот имот се предава на членовите на ЦИКП Скопје во моментот на престанокот на работата кои се и основачи на ЦИКП Скопје.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 35
Измени и дополнувања на овој Статут се вршат во иста постапка како и за неговото донесување.

Член 36
Право на толкување на овој статут има Извршниот одбор.

Член 37
Овој статут стапува во сила на денот на неговото донесување.

 

Извршен Директор

Д-р. Марија РИСТЕСКА

Скопје, 02.11.2017

Центар за истражување и креирање политики