|
Започна кампањата „Мојот глас-моја одлука“
Семејното и гласањето во име на друг се неизбежни карактеристики на изборниот процес во Македонија од 1998, кога прв пат беа регистрирани. Овие појави го поткопуваат демократскиот капацитет на земјата, и оневозможуваат спроведување на избори според демократските и меѓународни стандарди. За жал оваа ситуација негативно се одразува на имиџот на државата и понатамошниот евро интеграциски напредок.
Центарот за истражување и креирање политики-ЦИКП го препознава овој проблем како прашање од огромна важност кое треба да се трeтира соодветно и ефикасно се до негово искоренување. Моменталната ситуација го оневозможува слободното уживање на правата на одрeдена категорија граѓани (главно маргинализирани жени кои живеат во руралните средини, во западна Македонија), што негативно се одразува на нивниот еднаков статус, како и непречено остварување на нивните граѓански и демократски права.
Поразителен е фактот дека, не постои систематски и конзистентен пристап за решавање на овој проблем. Не постои стратегија која би поставила јасна, дефинирана рамка која би го третирала овој проблем. Единствените мерки досега превземени биле од страна на странските донатори во соработка со надлежните институции, т.е. Државната изборна комисија (ДИК). Сепак ДИК имаше улога на партнер, и притоа не се овозможи поактивна улога на оваа институција што би придонело за посуштинска одржливост на превземените мерки по завршување на активностите на странските донатори.
Оттука, ЦИКП во соработка со ДИК пристапи кон подготовка на Национална стратегија против семејно и гласање во име на друг, која има за цел да овозможи конзистентна рамка на сите владини и донаторски проекти кои имаат за цел решавање на проблемот на семејно гласање и гласање во име на друг, при што ќе се даде преглед на досегашните активности и на моменталните, од што ќе се извлечат позитивните и негативните искуства, врз основа на што ќе бидат дизајнирани целите, алатките како и временската рамка за активностите кои треба да се превземат во периодот до следените регуларни избори.
Паралелно со оваа активност ЦИКП заедно со женската граѓанска иницијатива АНТИКО ќе спроведе кампања за подигање на свеста во 1,2,5 и 6 изборна едница, каде овој проблем беше регистриран. Научените лекции, односно позитивните искуства од оваа кампања ќе бидат интегрирани во националната стратегија. Предноста на оваа кампања е тоа што се случува многу порано пред одржувањето на изборите, притоа целејки кон поуспешни резултати поради неколку причини: прво поради тоа што не е ограничена со невозможно кратки рокови за имплементација, политичкиот контекст е порелаксиран во однос на овие прашања одколку во период пред избори и поради тоа што камањата е составена од две компоненти директна (тренинзи и дистрибуција на материјали на принцип „од врата-до врата“) и индиректна (медиумска кампања) што би овозможило поголем опфат на целната група. ЦИКП информира дека теренската камапања за подигање на свеста започнува со организација на тренинзите на маргинализираните жени во 1, 2, 5 и 6 изборна едница и дистрибуција на промотивните материјали, кецели и торби со пораката на проектот.
Проектот е финансиран од ЕУ, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права.
|
|
|