Нова публикација: МОДЕЛОТ НА СОЦИЈАЛНИ ДОГОВОРИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПРИКАЖАН ПРЕКУ АНАЛИЗА НА ЕФЕКТИВНОСТ НА ТРОШОЦИ И АНАЛИЗА НА КОРИСТ И ТРОШОЦИ

Share This Post

Заштитата на децата без родители и/или родителска грижа е комплексна област што вклучува повеќе важни сегменти. Прифаќањето на овие деца, како и континуираната и професионалната поддршка на нивниот личен и професионален развој, од страна на обучени згрижувачи, стручни лица, како и лица вработени во различни општествени потсистеми е од исклучителна општествена важност. Затоа системите на социјална заштита треба да овозможат форми на заштита што ќе дадат најдобри резултати. Системот на социјална заштита во Република Македонија овозможува развој на вонинституционална заштита на лица во социјален ризик. Но процесот на децентрализација на социјалната заштита, децентрализација на доставувањето на социјалните услуги и поконкретно развојот на вонинституционалната заштита на локално и централно ниво е сè уште незавршен. За целосно комплетирање на процесот на децентрализација на социјалните услуги и овозможување вклучување на приватниот, односно граѓанскиот сектор во давањето услуги, потребно е дизајнирање на соодветен модел. Сепак, покрај дефинирањето на улогата на државата и на приватниот, односно граѓанскиот сектор во процесот на испорачување социјални услуги, од особена важност е утврдувањето на можностите и предностите во секој од моделите. За таа цел студијата се фокусира на две алатки т.е. на Анализата на користа и трошоците – АКТ и на Анализата на ефективноста на трошоците – АЕТ. Иако овие модели се веќе искуствено потврдени во многу држави, неминовно е да се провери нивната веродостојност во контекст на карактеристиките на македонското општество и системот на управување и добро владеење. Анализите покажуваат дека перформансите на приватните вонинституционални форми на заштита се значително подобри од оние организирани од државата, во поглед на квалитетот на згрижувањето. Кога квалитетот ќе се спореди со вкупните трошоци по дете, трошоците се незначително поголеми во однос на ефектот што се остварува. Ова е случај кај двете опфатени форми на згрижување т.е. резиденцијалните установи и малите групни домови. Така, трошоците по единица ефект се значително помали кај приватниот сектор што е прикажано во Анализата со понискиот индекс на просечен трошок/ефективност. Втората анализа, Анализата на користа и трошоците ја покажува предноста од моделот во поширокиот контекст на државата. Така, загубите на општеството, кои се резултат на понискиот квалитет на живот и на згрижување, многукратно ги надминуваат поголемите трошоци што треба да се издвојат за поквалитетно згрижување на децата во раната возраст. Дотолку повеќе што годишниот поврат на инвестицијата е различен, согласно возраста, односно процентот на поврат е помал доколку со програмата се започне во поголема возраст и обратно. Придобивките се согледуваат во подобрените перформанси во училиштето и на работното место, понатаму намалените трошоци на здравствениот систем и системот на основно образование, како и намалената стапка на криминал. Оттука, сите економски и социјални показатели се во насока на воведување модел на социјални договори со вонинституционална заштита што би обезбедиле услови за поквалитетно згрижување со релативно помали трошоци. Утврдените квалитативни разлики во формите на заштита на децата (институционална и вонинституционална) укажуваат дека поволно влијаат на подобрување на квалитетот на секојдневниот живот. Ова значи дека на прво место ги елиминираат и намалуваат сите фактори на ризик, со едновремено зголемување и зајакнување на заштитните фактори.

Прочитајте повеќе тука: https://crpm.org.mk/wp-content/uploads/2017/10/web-cba.analizi.mk_.pdf

More To Explore