Постојат ли добри брендови во Македонија?

Социјалното претприемништво во последните неколку години во голема мера придонесува за развојот на бруто домашниот производ во земјите од Европа. Социјалното претприемништво во Македонија е во зачеток и се јавува во повеќе првични форми (реинвестирање на профит, вработување на лица од ранливи групи, производство и достава на производи и услуги за ранливи општествени групи) , но е многу малку развиено поради тоа што ретко кој се осмелува да дејствува во оваа област.  Причините се бројни од немање политичка и правна рамка која го регулира, преку непостоење на финансиски механизми за поддршка на социјалното претприемништво, до недостаток на понуда и побарувачка за социјално претприемништво.
 
Знаејќи го фактот дека подемот на социјалното претприемништво е глобален тренд кој го зафаќа полека но сигурно и нашиот регион клучно е да се истакне дека носечки двигател на социјалната економија се социјалните претприемачи. Развојот на социјалното претприемништво е мултипликативен бенефит за целото општество, со него се развива микростопанството, се генерираат нови вработувања, се активира социјално- загрозеното население, придонесува за намалување на сиромаштијата, освестување на населението.Оваа економија создава општествени вредности и добра како на пример поеднакво општество, социјално вклучување и порамномерно распределување на богатството уште се вика и добра економија. Удел во поддршката на развој на добра економија може да имаат и  компаниите и корпоративниот сектор кои се водени од премисата да го максимираат профитот и оттаму се дијаметрално различни од социјалните претпријатија кои не максимираат профит, туку го користат профитот во општествени цели.
 
Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), во Македонија е носител на активностите кои се спроведуваат во рамки на регионалниот  проект Smart Start ко-финансиран од Европската Унија (кој се реализира во пет земји како што се Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција). Во рамки на Smart Start во нашата земја петнаесет невладини организации се подготвуваат да започнат со својата работа како социјални претпријатија. Проектот помина низ неколку фази, а следната фаза опфаќа поврзување на социјалните претпријатија со добро етаблираниот корпоративен сектор. ЦИКП е во потрага по домашни ‘’добри компании со волја за  поддршка и развој на социјалното претприемништво.