Податоци од анкета на население за даночната евазија во Република Македонија во 2016 година

 

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА МЕДИУМИ БР. 2:

Податоци од анкета на население за даночната евазија во Република Македонија во 2016 година

Во 2016 година повеќе од половина од испитаниците (54%) изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за разни искористени услуги во последните 3 месеци броени од моментот на анкетирање. Иако се работи за значителен процент од испитаниците ситуацијата е малку променета од 2014 година кога 55% од испитаниците изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за услуги. Сепак, Македонија има најмал процент на неиздадени фискални сметки за услуги во последните 3 месеци во споредба со Албанија (65%) и Косово (74%).1

 

 

График 1 – Процент на испитаници кои изјавиле дека немаат добиено фискална сметка за услуги во последните 3 месеци. Извор: анкета на ЦИКП, ИДМ, Д4Д од 2016 г.

Слично како и во 2014 година и во 2016 година најретко се издаваат фискални сметки за услуги за одржување на домот (17%), услуги за поправки на домот (21%), изнајмување на имот (30%) и занаетчиски услуги (36%). Од друга страна, најчесто и најредовно (85%) се издаваат фискални сметки за професионалните услуги (сметководство, психолог/психијатар, архитектура/дизајн) и за транспортни услуги (75%). Поголемиот степен на даночна дисциплина кај професионалните и транспортните услуги се должи на поголемиот степен на законска регулираност на тие економски гранки и построга и посеопфатна контрола од страна на одговорните институции (УЈП, Финансиска полиција, инспекторати итн.).

 

 

Неиздавањето на фискални сметки за извршени услуги е поголем и похроничен проблем од издавањето фискални сметки за стоки и разни добра. Кога се работи за даночната евазија поврзана со издавањето на фискални сметки за разни стоки и добра имаме непроменета ситуација и во двете години и околу 13% од испитаниците во минатиот месец немаат добиено фискална сметка за козметички производи, околу 17% за облека и обувки и околу 11% за храна и разни намирници. Но даночната дисциплина бележи двојно влошување во категоријата „Алкохол и тутун“ каде што дури на 20% од испитаниците во 2016 година не им била издадена фискална сметка во последниот месец споредено со 12% од испитаниците во 2014 година. Алкохолот и тутунот се акцизни стоки за кои следуваат високи даноци а тоа значи дека потенцијалното зголемување на даночната евазија во оваа сфера носи со себе ризик од помали даночни приходи во државната каса.

 

Охрабрува тоа што според податоците од анкетата граѓаните се посвесни за важноста на плаќањето даноци и почесто се изјаснуваат дека неплаќањето даноци не треба да се толерира. Поточно 71% од испитаниците не се согласуваат дека неплаќањето на даноци треба да се толерира (во споредба со 61% во 2014 г.) и 75% се свесни дека неплатените даноци негативно влијаат на локалната економија (во споредба со 68% во 2014 г.).

Како и повеќето од ЕУ-28 земји, Македонија применува мерки насочени кон непријавената работа и даночната евазија, кои главно се насочени кон репресивни и казнени мерки, со исклучок на некои скорешни мерки за формализирање на работните места и бизнисите. Владата на РМ најпрво треба да размисли за менување на балансот помеѓу постојните казнени мерки (со прогресивни стапки на казнување) и второ, на балансот помеѓу казнените мерки и стимулации. Бизнисите тврдат дека недостасуваат стимулации – поентирајќи дека ова е главната причина за сокривање на економската активност. Зајакнато со превентивни мерки, како што се зголемен и подобро насочен продор и едукативни мерки кон главните ризични групи, може да се поврати балансот во корист на зголемено формализирање на економијата.