Постои волја и подготвеност за унапредување на работата на т.н. Зелена собраниска група – пратениците/чките и граѓанските организации се на потег

Share This Post

На вчерашниот настан насловен „Поддршка на Зелената собраниска група во процесот на спроведување на зелената агенда во Западен Балкан и Северна Македонија“ кој се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на неслужбената Зелена собраниска група во ЈИЕ околу усогласеноста со целите на ЕУ поврзани со енергијата и транспортот“, финансиски потпомогнат од проектот Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа за енергија, транспорт и заштита на климата на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а во име на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ) се дискутираше за тоа што е направено во изминативе 30 години од независноста до денес во поглед на заштитата на животната средина, енергетската ефикасност, ублажувањето на климатските промени и унапредување на урбаната мобилност, но и за начините за унапредување на работата на т.н. Зелена собраниска група за истата цел.

                                                                                                                               Настанот го отвори НЕ Ото Граф, заменик амбасадор на Германија во земјава. Граф нагласи дека германската поддршка ќе продолжи и понатаму, а сé со цел доследно спроведување на зелената агенда и она што е предвидено со Софиската декларација од 2019 година. Потоа збор зедоа Маја Морачанин и Велика Стојкова Серафимовска, пратенички и членки на Зелената собраниска група. И двете пратенички посочија дека напредок има, но списокот на задачи за она што треба да се направи е долг, а меѓу нив се наоѓаат поголеми казни за загадувачите во новиот Закон за прекршоци, оперативност на Фондот за животна средина, јасни законски одредби за управувањето и постапувањето со отпад и сл. Пратеничката Стојкова Серафимовска ја спомена и потребата од зајакнување на комуникацијата на релација граѓанското општество – Собрание, а во насока на остварување на зацртаните цели и заложби. Следуваше излагањето на  Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС која јасно побара законски измени со кои дел од добивката која ја остваруваат компаниите за производство на зелена енергија да се слева во општинските каси каде се наоѓаат соодветните постројки, а тие пари да се трошат за нови т.н. локални зелени проекти. Во спротивно, нагласи таа, општините и натаму ќе имаат мака за да финансираат вакви активности. Од друга страна пак, Христина Оџаклиеска, заменичка министерка за животна средина и просторно планирање, најави дека Законот за климатска акција е во завршна фаза, па наскоро ќе биде поставен на платформата ЕНЕР и ги повика присутните претставници од граѓанското општество да земат активно учество со предлагање идеи и препораки за подобрување на текстот на законот. По кусата дискусија на која главен акцент се стави на потребата од поопиплива координација помеѓу надлежните институции, Собранието и граѓанското општество во насока на подобрување на законската легислатива, но најважно соодветна примена на истата, како и подигнување на јавната свест за што присутните се согласија дека одговорноста лежи кај сите, свое излагање имаше и Игор Панчевски, независен експерт за енергетика кој говореше на темата „Каде треба да ги насочиме напорите за следниот период?“. Подобрување на регулаторна рамка, придружно со политичка волја за нејзино спроведување, нови технолошки мерки како што се унапредување на капацитетите за производство на енергија од ОИЕ, висока енергетска ефикасност, посебно во делот на зградите, изградба на складишта за енергија (топена сол, пумпни ХЕ, водород), обнова на возниот парк со цел модерен и чист транспорт, како и инвестирање во човечкиот капитал. На настанот учество зеде и  Тимчо Муцунски, градоначалник на Аеродром, а поранешен пратеник и член на собраниската зелена група. Муцунски посочи дека сега ги гледа предностите да се биде градоначалник, односно пратеник, па им порача на своите поранешни колеги од Собранието да вложат напори за промени во Законот за градежништво со кој ќе се предвидат задолжителни минимум зелени површини врзани со дозволите за градба.

Последен говорник беше Златко Симоновски, проектен координатор за проектот „Зајакнување на капацитетите на неслужбената Зелена собраниска група во ЈИЕ околу усогласеноста со целите на ЕУ поврзани со енергијата и транспортот“ кој ги престави наодите од истражувањето за вклученоста на членовите, односно пратениците од т.н. Зелена собраниска група за време на кампањата на локалните избори, како и гледиштата за начинот на кој што работи групата. Податоците укажуваат на тоа дека групата не е видлива во јавноста и медиумите, а постои голем простор за подобрување на начинот на кој што пратениците и пратеничките од оваа група комуницираат со граѓаните преку друштвените мрежи. Со други зборови, потребни се обуки со цел фокусирање на главните поенти и пораки, на јасен и краток начин. Дополнително, преку интервјуата со дел од пратениците и пратеничките беше посочено и дека е потребна поголема стручна поддршка во работата на групата, зачестени неслужбени средби, како и обуки со цел продлабочување на знаењето, но и поблиски врски со граѓанските организации. Следеше завршна дискусија во која збор зедоа речиси сите пратеници и граѓански активисти, а како заклучок од дискусијата може да се извлече потребата и можноста од формализирање на т.н. Зелена група во редовна собраниска комисија во која ќе се дискутира токму за овие прашања.

 

More To Explore