Визна или финансиска бариера?
Колку и каде патувале граѓаните на Македонија по падот на визниот ѕид?

Центарот за истражување и креирање политики, во периодот Февруари 2010 – Март 2011 спроведе 2 анкетни истражувања на тема „Движењето на граѓаните на РМ после визната либерализација„ чија што цел беше даго истражи ефектот на визната либерализација врз мобилноста на граѓаните на РМ. Истражувањето даде темелни одговори на неколку прашања поврзани со движењето на граѓанитена РМ како на пример профил на лица кои најмногу патуваат, причини за патувањата, во кои Шенген земји најмногу се патува и кои земји надвор од Шенген зоната се омилени дестинации како и колкаво било времетраењето на престојот.

Ова истражување е спроведено на национален репрезентативен примерок од 1057 испитаници. Податоците за репрезентативниот примерок се наведени во последната табела од документот. Истражувањето е спроведено како дел од независната истражувачка агенда на ЦИКП финансирана од Фондот за тинк тенкови на Институтот отворено општество од Будимпешта.

Кој патува?

Истражувањето покажа дека вкупно 39.5% од испитаниците патувале во странство во периодот од една година по добивањето на визната либерализација, додека 59,4% од испитаниците не патувале. Најмногу патуваат Србите- 50%, Ромите– 50% и Албанците со 49,5%, додека Македонците со 33,9% и Турците со 33.3% патуваат значително помалку.

График 1: Дали патувате?

График 2: Кој патува?

 

Дека визната либерализација помага во мобилноста на студентите покажува и нашето истражување. Според него, најмногу патуваат учениците и студентите со 59,5%, па следат вработените со 50,6%, невработените со 33,3%, а најмалку патуваат пензионерите со само 20,2%.

График 3: Кој најмногу патува?

 

Во утврдување на профилот на лица кои најмногу патуваат влијание има и степенот на образование, така што повеќе од половина, односно 56,1% од високо образованите испитаници одговориле дека патуваат, споредено со 28,4 испитаници кои патуваат но имаат пониско образование.

График 4: Лица кои патувале според степен на образование

Каде патуваат?

Од испитаниците кои патувале во периодот по 19.12. 2010, дури 61,4% патувале кон некоја од Шенген земјите. Од нив, 32,4% не биле во земји од оваа зона, а 6,2 проценти немаат одговор.

Грција е на врвот на листата на посети од земјите кои спаѓаат во Шенген зоната и нејзе ја посетиле 37,7% од граѓаните. Следи Германија со 16,8% и Швајцарија која што ја посетиле 16% од испитаниците. Зад нив е Италија каде што патувале 15,3%, а петта е Австрија како дестинација на 11,2% од испитаниците.

График 5: Најпосетени земји од Шенген зоната

Од земјите кои не спаѓаат во Шенген зоната, најмогу 32,8% од испитаниците патувале во Бугарија. Србија со посетеност од 31%, а трета е Турција каде што патувале 20,1% од испитаниците. Косово го посетиле 19%, додека Албанија ја посетиле 17,5% од испитаниците.

График 6: Најпосетени земји надвор од Шенген зоната

 

Зошто не патуваат?

Немањето на финансии останува да биде главна причина поради која што граѓаните не патуваат. Половина од испитаниците, или 50%, како причина зошто не патуваат навеле дека немаат доволно финансии. 15,3% од граѓаните непоседуваат биометриски пасош што е причина за непатување, додека 13.7% немаат желба, 11,8% немаат време,  6,2% одговориле со друго, а 3% не дале одговор на прашањето.

Во контекст на финансиските примања, истражувањето покажа меѓусебна зависност помеѓу висината на платите и бројноста на патувања. Според ЦИКП Скопје, граѓаните кои имаат месечни примања повисоки од 18,000 патуваат најмногу, и тоа 53.9% од нив. Од граѓаните чии месечен приход изнесува од 12-18,000 во странство патувале 46,5%. Најмалку патуваат граѓаните чии што примања се од 12-6,000 и помалку од 6,ооо, односно, 32,7% и 34,2%.

Најмногу од испитаниците кои патувале во странство тоа го направиле еднаш (41.7%). Најголем дел од патувањата траеле помалку од една седмица (30.7%).

Информации за примерокотИстражувањето е извршено на репрезентативен примерок од 1057 испитаници. Опфатени се 27,8% испитаници кои живеат на село, 72.1% во град и 1% кои не одговориле.  Ги опфаќа сите статистички региони, а во однос на половата застапеност опфаќа 50,5% испитаници мажи и 49,5% жени. Според етничка припадност 68.9% се Македонци, 26,7% Албанци, 1,5% Роми, 1,7% Турци, 0,9% Срби и 0,3% од испитаниците припаѓаат на друга етничка припадност. Истражувањето опфаќа шест возврасни групи и тоа: 18-25 години со 12,8%, 26-35 со 16,9%, 36-45 години со 22,5%, 46-55 со 21,8%, 56-65 со 18,5%, испитаниците над 65 години се застапени со 6,5%, а само 0,1% не дале одговор за својата возраст. Според образованието, 22,2% од испитаниците се со завршено основно образование, 48,4% со средно и 29,3% од нив имаат завршено високо образование.

Целосниот извештај може да го погледнете/ превземете во продолжение.

Анкетен извештај