Дали се постигнати посакуваните цели?

Share This Post

Photo credit: U.K. Photographer: Ian Forsyth/Bloomberg

На 26-тата конференција на страните потписнички на Рамковната Конвенција за климатски промени на Обединетите Нации (COP26), земјите од светот се собраа во Глазгов за да го финализираат или унапредат Парискиот договор. По две седмици макотрпно преговарање и компензирање околу одредбите за исфрлување на јагленот, намалување на стакленичките гасови и финансиската поддршка за земјите во развој, дојде и крајот на конференцијата, заклучена со тн. Глазговски пакт.

Дали се постигнати посакуваните цели?

На самото затворање на најдолгиот ден на конференцијата, дванаесеттиот ден, Претседателот на СОР26, министерот Алок Шарма, воздржувајќи ги емоциите на разочараност искрено се извини за непредвидениот развој на целиот настан. Не можејќи да најдат заеднички јазик развиените и неразвиените земји, во новиот Глазговски пакт се воведе терминот за намалување на јагленот, наместо за негово исфрлување (phase out to phase down). Најгласни против исфрлувањето на јагленот беа Кина и Индија, но и други држави кои својот економски развој не можат да го замислат без негова употреба. Индискиот министер за клима Бупендер Јадав праша како земјите во развој би можеле да ветат постепено укинување на субвенциите за јаглен и фосилни горива кога „сè уште треба да се занимаваат со нивните развојни агенди и искоренување на сиромаштијата“.

Сепак, за пофалба е препознавањето на итноста за акција, а тоа го покажува фактот што Глазговскиот пакт е прв договор за климата во кој за прв пат се воведуваат одредби со кои конкретно и експлицитно се планира редуцирање на јагленот, како најопасно фосилно гориво во поглед на стакленички гасови.

Главната цел на конференцијата беше да се изврши притисок за договор со кој земјите во светот заеднички ќе го ограничат затоплувањето на температурата на 1,5 степени Целзиусови, наместо на траекторијата од 2 степени Целзиусови, согласно Парискиот договор. Голем број од државите не се согласија дека со договорената терминологија во Глазговскиот пакт ќе се исполнат поставените цели. Сепак, речиси секоја земја потврди дека иако исходот е далеку од совршен, алтернативата – заминување без договор – ќе беше далеку полоша.

Во поглед на финансиите, се истакна дека секоја климатска акција има финансиски импликации. Сега се проценува дека секоја година се потребни трилиони долари за да се финансираат сите активности неопходни за постигнување на климатските цели. Невозможно е земјите во развој да си дозволат инвестиции кои се далеку повисоки од расположливите буџети. Во 2009 година, развиените земји кои имаат историска одговорност во поглед на емисијата на стакленички гасови, се обврзаа дека до 2020 ќе обезбедат средства за земјите во развој во висина од 100 милијарди долари годишно. 2020 помина, а оваа сума не стана реалност. Оваа година ветија дека до 2023 ќе ги обезбедат овие финансиски средства за земјите во развој.

Додека главните дискусии беа околу горенаведените заложби, паралелно се водеа дискусии, кои иако не беа централна тема, имаат длабока поврзаност со главните цели. Од нив, како најзначајно достигнување може да се издвои ветената соработка помеѓу САД и Кина, како најголеми емитори на CO2 во постигнување на целта за ограничување на зголемувањето на температурата за 1,5 степени Целзиусови.

Иако Кина се сложи да го ограничи емитувањето на СО2, одби да се приклучи кон договорот за ограничување на емисии од метан, кој исто така е еден од најопасните стакленички гасови. Кон овој договор се приклучија речиси 100 други држави, што претставува исто така едно од поголемите достигнувања на СОР26. Заложбите околу сечата на шумите влеваат надеж, бидејќи повеќе од 100 држави кои покриваат 85% од шумите во светот, се обврзаа за прекинување на сечата до 2030. На оваа заложба најбурна реакција дојде од Индонезија, која иако се потпиша на овој договор, смета дека е нефер во поглед на економскиот раст и развој кои не можат да се остварат без сечењето на шумите и искористувањето на природните ресурси.

СOP26 не го испорача целиот опсег на амбиции потребни за справување со климатските промени, но тој обезбеди солидна основа за идните активности.

„Знам дека можеме да стигнеме таму“, рече Генералниот Секретар на ОН – Антонио Гутерес. „Ние сме во борба на нашите животи. Никогаш не се откажувајте. Никогаш не се повлекувајте. Продолжете да туркате напред. Ќе бидам со вас до крај. COP27 започнува сега“.

More To Explore