Љупка Трајановска за застапеноста на родово базираното насилство во Македонија

0
131

Нашата истражувачка Љупка Трајановска разговараше со Ана Зафирова за застапеноста на родово базирано насилство во Македонија, потребата од промени на законската легислатива со фокус на Кривичниот законик како и за тоа како да се освести овој проблем и кој сѐ треба да се вклучи за неговото надминување.

Центарот за истражување и креирање политики беше дел од работната група за измени и хармонизација на Кривичниот законик со Истанбулската Конвенција. Речиси една година помина од изработката на амандманите. Иако Владата ги одобри истите, сѐ уште не е отпочната јавна расправа во Собранието односно закажаната јавна расправа беше одложена поради политички интереси.

“За жал, заштитата на 50% од населението во државата од различните форми на насилство кои несразмерно ги погодуваат, сѐ уште не е приоритет за нашите пратеници. Со ова би сакала и јавно да ги повикам пратеничките и пратениците што побрзо да го приоритизираат ова прашање и итно да ги изгласаат измените на Кривичниот законик.”

Прочитајте го целосниот разговор со Љупка Трајановска подолу 👇

Каквa е сликата со насилството врз жените во Македонија?
– Насилството врз жени во Македонија е сеприсутно и распространето во секоја сфера од живеењето, започнувајќи од домот, улиците, па се до онлајн просторот. Во Македонија секоја втора жена е жртва на психолошко насилство, а секоја седма жртва на физичко или сексуално насилство. 60.000 жените биле демнети, а 60% од убиените жени во државата се убиени од своите моментални или поранашни интимни партнери. Сексуалното вознемирување, демнењето, фемицидот се уште не се инкриминирани во нашето законодавство, а пак за да се докаже силувањето потребно е да се докаже употреба на физичка сила.

Сведоци сме, а некои од нас и жртви на пандемијата на онлајн сексуално вознемирување во изминативе две години. Карантинот за време на Ковид-19 пандемијата не го запре насилството врз жените, напротив го прошири и зголеми. Јавна соба на Вибер, јавна соба на Телеграм и последната откриена јавна соба на Фејсбук која таргетира жени и девојчиња ромки, се само дел од нашата реалност која повторно поминува без санкции, без одговорност на сторителите и без заштита на жртвите. Иако против двајца од администраторите е покрената кривична постапка, кривичните дела за кои ќе одговараат се несоодветни.

Непостоењето на соодветно регулирани кривични дела доведува до несоодветни пресуди и непостапување по пријави, а со самото тоа ги обесхрабрува жртвите да пријават и побараат заштита. Осудите, срамот и стравот за својот живот или пак на своите деца се исто така општествени фактори кои ги одвраќаат жртвите од пријавување на насилството. Истовремено, ревиктимизацијата од страна на надлежните институции, медиумите и општеството е дел од реалноста со која се соочуваат жртвите при пријавување на насилството.

Донесувањето и стапување во сила на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е значаен чекор во хармонизацијата на националната легислатива со Истанбулската Конвенција, но не е доволно. Ефективната имплементација на овој Закон од страна на сите надлежни институции (полиција, јавно обвинителство, судство, здравствени институии, меѓуопштински центри за социјална работа и др.) како и синхронизација на Кривичниот законик со одредбите на Истанбулската Конвенција ќе создадат функционална правна рамка која ќе превенира и ќе ги заштитува жените од насилство.


Што сѐ може да се смета за насилството врз жените? Кои форми?
– Според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство родово-базирано насилство врз жените претставува „насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува. Родово-базираното насилство врз жените ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите како резултат на општествен, а не индивидуален проблем.“

Оттука како најчести форми би ги издвоила: сексуално насилство-силување вклучувајќи и сексуално вознемирување и сексуална изнуда, физичко и психичко насилство, фемициди-убиства на жени, демнење, присилни бракови, присилна стерилизација или абортус, женско генитално осакатување и други. Различни форми се карактеристични односно повеќе им се случуваат на одредени ранливи категории како економски зависни жени, самохрани мајки, млади жени и студентки, жени ромки, сексуални работнички, но она што е заедничко е дека апсолутно секоја жена е потенцијална жртва на било која форма на насилство токму поради нееднаквата распределба на моќ во општеството.

Зошто е потребно да се изврши измена на Kривичниот законик? Што ќе се постигне?
– Во моментов Кривичниот законик го инкриминира само силувањето како посебно кривично дело и тоа за докажување на истото е потребна употреба на физичка сила при сторување. Согласноста е единствен критериум кој треба да постои за квалификација на делото, а употребата на физичка сила треба да се третира само како отежителна околност. Психичкото насилство, демнењето, фемицидот, сексуалното вознемирување, присилните бракови, женското генитално осакатување, присилната стерилизација и абортус кои се регулирани со членовите на Истанбулската Конвенција се уште не се соодветно и целосно регулирани како кривични дела.

Македонија ја ратификуваше Истанбулската Конвенција во 2018та година и со тоа стекна обврска да ја прилагоди и насочи својата законска легислатива кон превенција и заштита од насилство врз жените и девојчињата. Живеењето ослободени од страв за својот живот и својата безбедност е основно право на секое човечко битие. Хармонизацијата на Кривичниот законик и соодветното санкционирање на кривичните дела ќе доведе пред се до превенција на истите, но и до соодветно постапување по пријави, соодветно толкување на законите и носење пресуди со кои сторителите ќе бидат санкционирани, а жртвите заштитени од континуирање на насилството.

Центарот за истражување и креирање политики во рамки на Регионалната програма на Европската Унија, UN Women Скопје и UN Women „Спречување на насилството врз жените и девојките: Имплементирање на норми – промена на ставови“ во партнерство со Националната мрежа спроведе проект за хармонизација на националната легислатива со Истанбулската Конвенција. Марија Ристеска, извршната директорка на ЦИКП, беше дел од работната група за измени и хармонизација на Крвичниот законик со Истанбулската Конвенција. Речиси една година помина од изработката на амандманите. Иако Владата ги одобри истите, се уште не е отпочната јавна расправа во Собранието односно закажаната јавна расправа беше одложена поради политички интереси. За жал, заштитата на 50% од населението во државата од различните форми на насилство кои несразмерно ги погодуваат, се уште не е приоритет за нашите пратеници. Со ова би сакала и јавно да ги повикам пратеничките и пратениците што побрзо да го приоритизираат ова прашање и итно да ги изгласаат измените на Кривичниот законик.

Како да се освести овој проблем и кој сѐ треба да се вклучи за негово надминување?
– Проблемот со свеста за насилството како и солидаризацијата и емпатичноста кон жртвите делува како најтешка задача за решавање. Овој процес мора да започне уште од најмали години и најрана возраст. Секој пат кога учителката во градинка или родителот ќе му каже на девојчето „те закача затоа што му се допаѓаш“ или пак „машко е, остави го, такви се“ станува креатор на проблемот со насилството. Толерирањето, оправдувањето и нормализирањето на насилното однесување уште во првите денови на социјализација на децата создава подлога за потенцијани насилници и жртви. Насилното однесување за жал е длабоко вкоренето во нашиот менталитет и извира од патријархалните вредности негувани во општеството. Превенцијата на насилството мора да започне уште во градинките и основното образование.

Покрај превенцијата, заштитата и достапноста до сервиси наменети за жени жртви на насилство исто така мора да биде приоритет. Во моментов недоволен е бројот на функционални шелтер центри за жени жртви на насилство, центри за пријавување на сексуално насилство како и психо-социјални советувалишта и се уште не ги исполнуваме минималните стандарди за сервиси кои ги наложува Истанбулската конвенција. Програмите за работа со сторители на насилство и промена на нивното однесување се речиси непостоечки, а се исклучително важни за превенција на потенцијално повторување на насилството. Првиот семеен центар воден од граѓанската организација ХЕРА е единствен кој нуди советување на жртви, нивните деца и сторителите на насилство.

За крај, но не помалку важна е и родовата сензибилизација на полициските службеници, социјалните работници, јавните обвинители, судиите, адвокатите, здравствените работници и сите оние релевантни чинители кои се задолежени за пружање помош, поддршка и заштита на жртвите. Според сите спроведени истражувања во изминативе години, огромна е институционалната недоверба поради нефункционалноста на системот за заштита и пријавување на насилство од страна на жените жртви на насилство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here