Тркалезна маса и промоција на истражувањето „Европската интеграција и младинската мобилност: како од одлив до прилив на кадар?“

0
27

Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) во соработка со Француската амбасада организираше тркалезна маса на тема: „Европската интеграција и младинската мобилност: како од одлив до прилив на кадар?“. Целта на настанот беше промоција на истражувањето на истата тема што ЦИКП го реализираше во периодот јули-октомври 2018 година преку анкета на млади на возраст од 15 до 29 години и интервјуа со претставници на државните институции и граѓанските организации кои работат во оваа област. 

На настанот, покрај директорката на ЦИКП, д-р Марија Ристеска и амбасадорот на Француската Република, г. Кристијан Тимоние во својство на домаќини, се обратија и директорот на Агенцијата за млади и спорт, г. Дарко Каевски, заменикот-министер за образование, д-р Петар Атанасов, пратеничката и координаторка на Клубот на млади пратеници, г. Ивана Туфегџиќ и пратеникот и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Никола Попоски.

Д-р Ристеска ја истакна важноста од партнерски однос во процесот на креирање политики насочени кон младите меѓу владините институции и граѓанските организации, како и потребата овој проблем да се отвори за дебата со пошироката јавност, а пред сè во Собранието како дом на демократијата кој треба да ги обедини сите релевантни чинители и политички партии. „Првенствено имаме многу малку механизми со кои одговараме на потребата на младите да бидат вклучени во процесите на креирање политики, мала вклученост на младите во целокупното општествено живеење и нивното признавање како значаен актер во општеството, а има и многу малку расположливи средства за спроведување на младинските политики“, истакна д-р Ристеска.

Францускиот амбасадор ја нагласи потребата да се одговори на очекувањата на младите за да се создадат подобри услови за нивно задржување во Македонија и додаде дека ЕУ нема да интегрира земја која што ќе биде празна, односно во која нема млади сили. „Навистина е многу важно реформите кои се во тек успешно да бидат завршени и токму затоа оваа студијата е многу важна, бидејќи ќе може да придонесе во трасирање на патот на земјата и нејзиното приближување и зачленување во ЕУ“, додаде амбасадорот. 

Директорот на Агенцијата за млади и спорт ги претстави мерките коишто Агенцијата ги спроведува со цел подобрување на младинските политики, како „Гаранцијата за млади“, „младинската картичка“ итн. „Преку 600 илјади ја напуштиле државата од кои најголем дел се млади, што значи дека дополнителна обврска за нас како Влада е да креираме политики кои младите ќе ги задржат тука. Младите очекуваат политики кои ќе им го подобрат стандардот и ќе ги натераат да останат и секако многу работни места кои ќе им бидат понудени“, изјави Каевски.

Заменик-министерот за образование се осврна на реформите кои се потребни во основното и средното образование со цел подобро кариерно насочување на учениците и на последните измени во законодавството насочени кон подобрување на квалитетот на високото образование. „Мора да престанеме со масовно производство на дипломи во високото образование кои не носат добро работно место и да се насочиме кон стручни програми за младите за побрзо да најдат работни места кои се добро платени“, изјави Атанасов.

Пратеничката Туфегџиќ ја истакна потребата од надпартиски и поширок општествен консензус за дефинирање на квалитетни младински политики имајќи предвид дека иселувањето зафаќа загрижувачки размери и ја истакна посветеноста на Клубот на млади пратеници и сериозниот пристап кон клучните прашања што ги засегаат младите во државата.

Пратеникот Попоски зборуваше за иселувањето на младите како неизбежен проблем кој не ја обременува исклучиво Република Македонија. Според него, иселувањето може да донесе големи продобивки за младите луѓе кои стекнуваат нови знаења, искуства и можности, но државата треба да создаде услови барем дел од оние што ја напуштаат земјата да посакаат да се вратат.

Истражувањето покажува дека 76.7% од младите кои живеат во Република Македонија размислуваат да се иселат, и тоа нема разлика меѓу оние кои користеле и оние кои не користеле некаква програма за младинска мобилност. Клучна причина за иселувањето е лошиот квалитет на живот кој, покрај материјалните аспекти ја опфаќа целокупната ситуација на политичка и економска несигурност во државата, квалитетот на јавните услуги во образованието, здравството, социјалната заштита, можностите за личен и кариерен развој, вклученоста во процесите на носење одлуки кои ги засегаат итн.

Целокупната студија е достапна на следниот линк.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here