Тркалезна маса-иницијатива за Реком

0
269

Центарот за истражување и креирање политики во рамки на проектот „Зајакнување и поддршка на РЕКОМ процесот“ на 16.12.2015 година во х. Порта (Скопје), организираше тркалезна маса на која присуствуваа членови–подржувачи на Иницијативата за РЕКОМ, студенти од Факултетот за безбедност и Школата за јавни политики „Мајка Тереза“, универзитетски професори, активисти од граѓанското општество и други. И овој пат, како и минатиот, настанот беше поделен во два дела – прв, во кој се слушнаа излагањата на говорниците и втор каде се разви дискусија по однос на прашањата кои беа покренати.

Проф. д-р Жидас Даскаловски, освен говор за добредојде, се обрати до присутните со уверување дека ваквите настани даваат значаен придонес во напорите за воспоставување одржливи меѓуетнички односи и динамика во процесот на помирување. Д-р Благоја Марковски своето излагање кон насочи кон потребата од точно прецизирање на тоа што всушност се случи во 2001 година – нешто што според него е основа за процеот на помирување и градење соживот помеѓу заедниците. Двете вистини според д-р Марковски кои сѐ уште постојат, претставуваат отежнувачки околности и заради тоа е потребен сестран пристап кон ова, особено од страна на политичките елити.

Како втор говорник се обрати Абедин Зимбери, поранешен пратеник во Собранието на РМ. Тој смета дека освен точно утврдување на фактите околу настаните од 2001, потребна е и доследна примена на Охридскиот рамковен договор, како и повидлива одважност помеѓу сегашните политичари околу надминување на предрасудите поврзани со концептот на меѓуетнички соживот и градење инклузивно општество.

На ова се надоврза третиот говорник – проф.д-р Рубин Земон. Тој порача дека за трајно помирување и соживот, потребно е да се вклучи граѓанскиот концепт во преамбулата на Уставот, што било предлог за време на преговорите во Охрид во 2001 година. На овој начин, според Земон ќе се премости етничкиот концепт, со што сите граѓани ќе се чувствуваат еднакви пред законот и системот. Дополнително, за него е важно и да се вложат напори за целосна секуларизација на државата и истиснување на верата во личната сфера на живеењето на гараѓните, а не и нејзино промовирање од страна на државата.

По ова, следеше дискусија помеѓу присутните. Најголем дел од прашањата се однесуваа околу научното дефинирање и гледиштето на науката околу настаните пред 15 години, како и одржливоста и целисходноста од воведувањето на граѓанскиот концепт во Уставот на РМ. Понатаму, се дискутираше околу влијанието на политиката врз напорите за помирување, како и потребата од спроведување проценка за потребите, психолошка поткрепа и ресоцијализација на посредните и непосредните жртви од конфликтот.