Предлогот за една изборна единица на тенок мраз

0
895

Промената на изборниот модел – во пропорционален со една изборна единица е што политичките партии наместо шест ќе предложат една изборна листа на која ќе има 120 кандидати

Татјана Поповска



Она за кое некои велат дека може да биде дел од решението на континуираните политички кризи со кои се соочува државата – дефинирањето на Македонија како една изборна единица, барем засега за поголемите политички партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е помалку прифатливо.

И во овој случај и двете партии, кои се главни креатори на политичкиот амбиент во земјава, тргнуваат од партиските интереси. За идејата што во Собранието веќе и формално ја покрена пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, тие избегнуваат прецизно да се изјаснат, но првичните реакции укажуваат на тоа дека доколку бидат доведени во ситуација да одговорат со да или не, негативниот одговор е многу поверојатен и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ.

Дали промената на изборниот модел во насока на укинување на шесте изборни единици и дефинирање на државата како една изборна единица ќе биде едно од прашањата за кои ќе се разговара во пресрет на априлските избори, се’ уште не се знае. Оваа идеја последниве години поинтензивно ја туркаат помалите политички партии и повеќето експерти за политички систем, кои во едната изборна единица препознаваат шанса за елиминирање барем на дел од нерегуларностите. Тоа е и можност за да се добие шаренолик парламент, кој ќе обезбеди поголема контрола над извршната власт, односно помала контрола на владата над пратениците. Според нив, дефинирањето на една изборна единица со досегашниот пропорционален модел не е голема промена и таа може да се реализира за краток период.

Што нуди изборниот модел – една изборна единица со пропорционални листи? Во суштина промената е што политичките партии наместо шест посебни изборни листи од по 20 кандидати ќе предложат една изборна листа на која ќе има 120 кандидати. Во парламентот ќе влезат оние кандидати кои ќе добијат најмногу гласови според Донтовата формула, како што, всушност, беше и досега. Разликата е во тоа што ќе се концентрираат гласовите на помалите етнички партии чии гласови ќе одат на едно конто, а не на шест како што беше досега. Тоа автоматски значи дека помалите партии ќе имаат поголем интерес да одат сами на избори, а не во гломазни партиски коалиции каде што често пати немаат никакво влијание во креирањето на политиката.

Според професорката на ФОН, Марија Ристеска, во анализата треба да се прави разлика меѓу мнозински и пропорционален модел со една изборна единица. Според неа таму е клучното прашање, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се за мнозински систем, а пропорционален изборен модел е соодветен за поделени општества како нашето и овозможува повеќе шанси помалите заедници да добијат свои претставници во законодавниот дом.

„Организацијата на изборите во една изборна единица ќе им донесе можност на помалите партии да добијат свои пратеници, а може да има ефект и на помалите етнички заедници кои не живеат концентрирано на една територија (една изборна единица) на пример: Турци, Роми, Срби, Власи…“, смета Ристевска. Таа вели дека придобивки од овој модел се можноста за претставување на поголем број на различни интереси, чувството дека секој глас е битен, како и шансата помалите партии да добијат свои претставници во политичките тела…