Болоњски процес

0
368

ИСКУСТВАТА ОД ВОВЕДУВАЊЕТО НА БОЛОЊСКИОТ ПРОЦЕС

Министерството за образование и наука на Република Македонија и Центарот за истражување и креирање политики организираат еднодневна конференција насловена „Искуствата од воведувањето на Болоњскиот процес“. Конференцијата ќе се одржи на 12ти март 2012 година во конференциската сала на ректоратот при Универзитетот „Свети Кирил и Методиj“ во Скопје со почеток во 10:00 часот.

Целта на овој настан е да ја преиспита успешноста на досегашните имплементирани активности и да ги претстави новитетите и идните предизвици на кои што Министерството за образование и наука ќе работи во иднина со цел успешно и целосно да се имплементираат сите аспекти од болоњскиот процес во македонскиот високообразовен систем. Конференцијата ќе отвори широка дебата по ова прашање и да ќе ги вклучи сите засегнати страни од овој процес кој што започна како реформа на македонското високо образование по потпишувањето на Болоњската декларација во септември 2003 година.

На конференцијата за медиуми одржана по повод престојната конференција Министерот за образование и наука Панче Кралев изјави дека вакви настани се неопходни и се од голема важност за евалуирање на постигнатите резултати

„Дебата е неопходна и е во интерес на сите страни во процесот – универзитетите, професорите, истражувачите, студентите….Сакаме да ги согледаме досегашните искуства, успеси и недостатоци на системот. Дебатата ќе биде евалуација на сработеното и ќе ни помогне заедно да утврдиме насоки за натамошно водење на оваа реформа„- изјави министерот Кралев (Конференција за искуствата од Болоњскиот процес во високото образование)

                       

Кралев. П/ Ристеска М. Прес конференција „Искуствата од воведувањето на Болоњскиот процес“

Извршната директорка на ЦИКП, Марија Ристеска, на прес конференцијата истакна дека болоњската реформа одигра значајна улога во подобрување на транзицијата од една во друга година.

Една од целите на Болоња е да се подобри транзицијата од една во друга година, зашто пред 2004 само 7 отсто од тие што се запишувале на прва година ги завршувале навреме студиите. (Ревизија на Болоњскиот процес во високото образование!?)

На конференцијата ќе се обратат експерти за болоњскиот процес од Данска, Словенија и Македонија. Преку нивните излагања ќе се презентира состојбата на европско и национално ниво, проблемите, како и предизвиците. Од националните експерти на конференцијата свои излагања ќе имаат професорката Елена Думова- Јовановска, проректорка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, професорот Замир Дика, ректор на Универзитетот Југоисточна Европа и професорката Елизабета Бахтовска од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Според професорката Бахтовска овој настан е од огромно значење за подобрување на високо образовниот систем.

„На нашите студенти, како и на општеството во целина, им доложиме високообразовен систем кои ги нуди најдобрите можности за барање и пронаоѓање на соспствената стручна област во која тие се најдобри. Тоа ни го овозможува имплементацијата на реформите, а согласно Болоња тоа се: реформи на студиските програми, реформи во финансирањето и реформи во раководењето на високо образовните институции„

За професорката Елена Думова-Јованоска настанот се организира во вистински момент кога може да се евалуираат постигнатите резултати и да се дадат насоки за натамошните чекори.

„Една декада од вклучувањето во Болоњскиот процес е период кој овозможува сериозна анализа и донесување на респектабилни заклучоци и препораки. Планираниот настан е соодветен медиум за тоа.“- смета професорката Думова- Јовановска.

Покрај националните говорници на конференцијата насловена „Искуствата од воведувањето на Болоњскиот процес“ искуствата на Република Словенија ќе ги презентира професорот Андреј Кохонт од Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана, додека претставничката на Данската агенција за универзитети и интернационализација ќе ја презентира данската перспектива преку нејзиното излагање насловено „Од Болоња до Букурешт- поглед од Данска перспектива“.

Воведни обраќања на конференцијата ќе имаат Министерот за образование и наука, Панче Кралев, Ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Велимир Стојковски и Претседателот на ЦИКП, Жидас Даскаловски.

Конференцијата е отворена за пошироката стручна и академска јавност, како и за сите заинтересирани медиуми, со претходна потврда за учество на следнава електронска адреса: zmejkoski@crpm.org.mk.

Агендата на настанот .