Извештај за текот на ЛОТОС истражувањето од Источниот плански регион

0
928

11.08.2014 год.

ОПШТИНИТЕ НА ПАТ КОН ПОГОЛЕМА ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ОДГОВОРНОСТ И ОТЧЕТНОСТ КОН ГРАЃАНИТЕ

Јулијана Давкова и Бети Пеева

 

Општините Штип, Карбинци, Зрновци и Свети Николе се разликуваат според нивото на развој, досегашното искуство и успех во процесот на децентрализација. Ова го покажуваат сознанијата до кои дојде здружението ЕХО Штип во првата фаза на истражувањето за актуелните практики од аспект на транспарентноста, одговорноста, отчетноста и отвореноста на општините. Генерално, граѓаните недоволно учествуваат во процесот на креирање на локалните политики, а дел од локалните власти не се доволно транспарентни и одговорни во своето работење. Сепак, дел од општините  може да послужат како успешни примери за останатите општини.

Со анкетните прашалници, во кои општинските службеници имаа можност да дадат свое гледање за ефикасноста во давањето услуги, се дојде до сознанија за постоење на процедури со кои се гарантира квалитет во работата на општината. Иако прашалниците се доставија во секоја општина во ист временски период, само две од општините го пополнија и доставија прашалникот во предвидениот временски рок.

Општините имаат изработено веб страна но, потребно е дел од нив да ги надополнат интернет страниците со информации за надлежностите и услугите што ги даваат на граѓаните.

Во делот на слободниот пристап до информации од јавен карактер се забележува минимално користење на оваа можност од страна на граѓаните, за разлика од невладините организации, кои почесто бараат пристап до информации од јавен карактер.

Во секоја општина градоначалникот има т.н. отворен ден во седмицата за средби со граѓаните, иако во некои општини овие средби се сведуваат на формалност.

Во оваа фаза истражувањето покажа дека понатамошни предизвици за подобрување на работата на општините остануваат отчетноста, еднаквиот третман на граѓаните и професионалноста на општинската администрација.

Здружението ЕХО Штип ги истражува актуелните практики во општини од Источниот и Југоисточниот плански регион, како дел од активностите на проектот „Размена на најдобрите ЕУ практики за следење на антикоруптивни мерки на локално ниво (ЛОТОС)“ финансиран од ЕУ, што го спроведуваат Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), во соработка со НВО Гонг од Загреб, Хрватска и уште други пет граѓански здруженија од Македонија.