Известување за медиуми бр. 1

0
814

ПОМЕЃУ ЗАКОНИТЕ И ПРЕЖИВУВАЊЕТО. КАКО ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД КРУГОТ НА СКРИЕНАТА ЕКОНОМИЈА?

„Повеќето од нас попрво би ангажирале жена да ни го чува детето на која би и плаќале во готово, отколку да ангажираме агенција која наплаќа дупло повеќе“ изјави Билјана Чкламовска од УНАСМ за време на конференцијата која се одржа во рамки на проектот “Промовирање на доброто владеење и економски права преку зајакнување на капацитетот на Македонското граѓанско општество за вршење на мониторинг и справување со сивата економија во Република Македонија“. Таа додаде дека преку вакви и слични постапки голем дел од граѓаните ја потикнуваат скриената економија. Сепак, најголем поддржувач на скриената економија е приватниот сектор преку: некомплетно пријавување на приходите и даноците, непресметување на минат труд, неисплаќање на додатокот за прекувремена работа, избегнување на исплата на минимална плата, избегнување на плаќање на придонеси на целата плата и сл.

Колкава е всушност скриената економија во Македонија? Професорот Томе Неновски нагласува дека скриената економија се проценува дека опфаќа од 30% до 45% од БДП во Македонија, во зависност од начинот на проценка. Ова е огромен процент и претставува закана по планирањето на економските и социјалните политики поради несигурните макроекономски показатели. Последиците можат да бидат: необјективна процена на големината на БДП, нереален број на невработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија, што претставува ограничување за фискалната политика. Од тоа директни негативни последици чувствуваат сите граѓани преку помали придонеси кон државниот буџет за јавните услуги, а индиректно се одразува во несоодветна здравствена, социјална и правна заштита. И повторно, најголемите последици од несоодветните услуги ќе бидат ‘на грбот’ на работниците во неформалната економија кои остануваат без соодветна гаранција и заштита на своите права. Како е во ЕУ? Ниту државите во ЕУ не се имуни на овој феномен, па големината на скриената економија во Унијата се проценува на 18% од БДП. Според анкетата на Евробарометар, 11% од европјаните во текот на 2007 година се имаат здобиено со добра или услуги кои вклучувале непријавена работа, а на 5% од работниците им биле целосно или делумно исплатени плати ‘во плико’. Дополнително, истражувањето покажува дека лицата кои учествуваат во непријавена работа е поверојатно дека и самите ќе користат непријавена работа/услуги и на тој начин ќе се го оддржуваат ‘кругот’ на неформалност…

 

Проектот е финансиран од Европската Унија

[Слики од конференцијата за скриена економија се достапни на: http://www.crpm.org.mk/?p=12942