ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА МЕДИУМИ БР. 1:

0
1126

Податоци од анкета на население за непријавената работа во Македонија во 2016 година

 

Речиси секој втор работник е пријавен на плата која е пониска од таа која реално ја добива т.е. им се исплаќаат придонеси за здравствено и социјално осигурување на плата која е пониска од реалната. Дополнително, 1 од 10 работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавач со коешто покрај социјалните придонеси се избегнува и плаќањето на данок на приход. Последиците можат да бидат: слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, необјективна процена на големината на БДП, нереален број на невработени/вработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што претставува предизвик и за фискалната политика на државата.

График 1 – Кој е основот за исплаќање на социјалните придонеси на вработените. Извор: Анкета ЦИКП/ЦИД 2014 и ЦИКП/ИДМ/Д4Д 2016 (популација).

Непријавената работа иако вообичаено се манифестира преку непотпишување на договор со работникот и неисплаќање на неговото задолжително социјално осигурување исто така може да се манифестира и преку потпишување на договор со скриени клаузули, плата ‘во плико’ или дополнителен договор на дело со кои следствено – се избегнува исплаќање на социјалните придонеси во соодветна висина на реалната (недекларирана) плата. Резултатите од анкетата укажуваат дека од испитаниците кои имаат основно вработување:

  • 46% од приходите се делумно или целосно непријавени (во споредба со 40% во 2014);
  • 9% од вработените работат без договор за работа (во споредба со 7% во 2014);
  • Најмалку 7.4% се изјасниле дека имаат добиено дел од платата ‘во готово.’

 

Во текот на месец мај/јуни 2016 година, Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП), спроведе теренска анкета на репрезентативен примерок од 1097 испитаници на територијата на Република Македонија со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности денес и да ги спореди со резултатите од истата анкета направена во октомври 2014 година. Во прилог се податоците кои се однесуваат на (не)пријавувањето работници, исплаќањето на придонеси, како и дополнителни индикатори кои укажуваат на обемот и формите на манифестирање на непријавената работа и нивните тенденции во споредба со 2014 година.

Но сепак не се сите показатели негативни. Во 2016 година има подобрување на перцепциите (График 2) и процентот на согласување со изјавата „Порадо би бил непријавен работник со повисока плата отколку пријавен со пониска плата“ е покачен и се движи околу 70% независно од финансиската состојба на домаќинствата. Ова е подобар тренд во споредба со 2014 година, кој охрабрува и индицира подобро познавање на населението за негативните последици од непријавената работа.

График 2 – (Не)согласување со тврдењето: Порадо би бил непријавен работник со повисока плата отколку пријавен со пониска плата и месечни приходи (во денари) на домаќинството (Q MK11E vs Q.D27B). Извор: Анкета ЦИКП/ЦИД 2014 и ЦИКП/ИДМ/Д4Д 2016 (популација).

Резултатите од анкетата укажуваат дека од испитаниците кои покрај основното имаат и дополнително вработување:

  • Во 2016 90% немаат потпишано договор за работа (во споредба со 80% во 2014);
  • Близу 70% не пријавуваат ниту пак плаќаат персонален данок за дополнителната дејност (во споредба со нешто над 50% од вработените во 2014).

 

Иако на речиси половината работници им се исплаќаат придонеси на сума пониска од реалната месечна плата и во 2014 и во 2016 година секој втор испитаник е исто така свесен дека неплаќањето данок и непријавувањето на приход негативно влијаат на локалната економија а 7 од 10 испитаници се свесни дека даночната евазија за нив лично значи и понеквалитетни јавни услуги.

Одговорноста за непотполното исплаќање придонеси најмногу лежи кај работодавачите но дел од вината сносат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови. Резултатите покажуваат дека нема поголеми промени од последните мерења извршени во 2014 година и сеуште околу 22.1% од испитаниците би прифатиле да работат непријавени доколку поради тоа би примале повисока плата (График 3).

График 3 – (Не)согласување со тврдењето: Порадо би бил непријавен работник со повисока плата отколку пријавен со пониска плата (Q.11MK E). Извор: Анкета ЦИКП/ЦИД 2014 и ЦИКП/ИДМ/Д4Д 2016 (популација).

Покрај тоа, фактот дека 62,7% од испитаниците (во споредба со 56,4% во 2014) изјавуваат дека задолжителното здравствено и социјално осигурување не им обезбедуваат доволно чувство на сигурност, може да се смета за дополнителна причина за прифаќањето на непријавена работа.

 

Проектот е делумно финансиран од Балканскиот фонд за демократија (Balkan Trust Fund – BTD)

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА МЕДИУМИ 

Infograph (Еng)

Инфограф (МК)