Еколошка Групација Грин Пауер, Велес

0
1293

25.07.2014

 

Еколошката Групација „Грин Пауер„ како партнер на ЦРПМ, од мај годинава започна со реализација на проектот ЛОТОС чија основна цел е да се испита отвореноста, транспарентноста и отчетноста  во работата на 5 општини од Вардарскиот регион. Локалните истражувачи преку теренски и веб истражувања и анкетни прашалници утврдуваат колку локалната власт е блиска до граѓаните, колку одговара на на нивните потреби и дали општините се вистински сервис на граѓаните.

ЕГ „Грин Пауер„ врши испитувања во Велес, Градско, Лозово, Неготино и Чашка. Првичните сознанија од скенирањето на општинските веб страници, од теренските посети и од анкетните прашалници укажуваат на тоа дека општините се далеку од вистинска и суштинска транспарентност и отвореност во нивната работа. Најголем дел од моќта е сконцентриран во рацете на едно до две лица и евентуалното нивно отсуство ја парализира работата на сета останата администрација.

Анкетните прашалници како најважен сегмент од проектот ЛОТОС се уредно доставени до одговорните лица во секоја од наведените општини , но и покрај разумниот рок за нивно пополнување и враќање назад, две општини од неразбирливи причини се уште ги немаат пополнето . Останатите прашалници се пополнети во дадениот рок, но општините не даваат образложенија на дел од контролните прашања содржани во прашалникот.

 

Проблем има и во функционалноста на веб страниците. Во една општина воопшто не функционира и не се отвора страницата , а останатите општински веб страници не се ажурираат редовно, содржат застарени и некорисни податоци, деловникот и статутот како круцијални општински акти се тешко или воопшто недостапни. Една општина има развиено модерен, сликовит, лесно достапен и видлив сајт со брзи и функционални линкови до најбитните акти.

Теренските истражувања покажаа дека општинската администрација во најголем дел од општините е љубезна, комуникативна, пресретлива и трпелива кон потребите и прашањата на граѓаните.

Генерално, сите досегашни набљудувања укажуваат на тоа дека општините мора повеќе време да посветат на редовно ажурирање и функционалност на веб страниците,  на интерперсонална координираност и да работат повеќе за брза и лесна достапност до граѓаните на круцијланите општински акти ( Деловник, Статут, Етички кодекс, буџет и сл. )